Ќе ти кажам ама ајде нека остане меѓу нас двајца.

Wednesday, February 27, 2013

Кој што направил, кој со кого легнал, што кој рекол, каде бил виден, како се однесувал, што носел, со кој бил, каде одел, што му било проблемот, кој кого погледнал, што му се случило..


кој
каде
каков
ваков
онаков

Јас? ТИ! ТОЈ? ТИЕ? СИТЕ!

Вака рекол тој, дознал од оној таму, бидејќи другарот на братучедот на комшијата така му кажал. И тоа е доволно силен факт дека се зборува за вистината.
Ова е нормален муабет. Ова на секој е океј, колку и да не е океј. Ова е типично попладне после секоја динамична вечер. Ова може да сме ние. Најчесто се некои други. Општо познато е дека сме сите. Но, никој не признава. Секој само дознава. Не учествува. Само прераскажува.
Ова не може да се спречи и никогаш нема да се излечи. Луѓето едноставно сакаат да зборуваат. Да си кажат. Да се лажат. Да се насмејат на туѓа среќа и несреќа. Повеќе не се споделуваат квалитетни информации, квалитетот е во тоа кој колку кого ќе заинтересира. Колку е повеќе драматично, толку ќе биде подалеку чуено. Ако не е, ќе се направи. Не за џабе игравме расипан телефон кога бевме деца. Најдобро ја владееме играва. А дали се сменија правилата? Или продолживме да играме валкано?

Но, она што им пречи на луѓето е кога „отворените“ ги споделуваат своите мисли на социјални мрежи, кога некој покажува што јадел на инстаграм, или се чекира каде пие кафе на форсквер.
Тоа иритира! КАКО МОЖЕШ ДА СПОДЕЛИШ ИНФОРМАЦИЈА ОД ПРВА РАКА! (тука ми доаѓа гласот на една моја колешка од факултет „значи Александра, не ми користи капс лок.“)
Истите тие борци за интима имаат акаунт на секоја социјална мрежа. И секоја активно ја користат. Повеќе за да соберат материјал, одколку да споделат.

Јавно се извинувам ако на некој му пречи моето јавно, јасно и гласно размислување. Имате блок, делит, римув, хајд, игнор опција. Вие се оние кои решавате кои информации ќе допрат до вас, а оние другите, односно сите суштества на планетава имаат основно право на избор и можат да прават што сакаат, без разлика дали тоа на некоу му пречи или го иритира тоа, се разбира се додека директно и намерно физички или психички не повредуваат друг. 

Нареден пат кога некој ќе праша зошто си волку отворен на социјална мрежа? ќе вратам со капс лок ЗАТОА ШТО МИ СЕ МОЖЕ, така ми се сака и убаво ми е.
Или ако уште еднаш прочитам дека некој не треба да прави нешто затоа што на никој не му е гајле, ќе биде вербално нападнат затоа што доколку не му е гајле за другите нека се одлогира од социјалниве мрежи и нека седи сам во темница и нека не се вознемирува од нечии мисли и дејства. Затоа што мене ме интересира што другите мислат, што другите прават, како се чувствуваат и како си го поминуваат времето. Затоа сум тука. И тука ќе бидем додека ми се сака.

You Might Also Like

0 comments