Почеток на крајот.

Monday, February 11, 2013

Доаѓа периодот од годината кога неуморно почнуваат да се менуваат профилните фотографии на фејсбук, со оние за на табло. Ги гледам сите овие возбудени лица, среќни и насмеани, со до крајност некреативни заземени пози, баш онака како што диктира шаблонот. Им започнува крајот на една епоха преполна со драма и тешко пробивање низ слоевите на почвата. И ете веќе од есен истите тие ќе држат индекс во рака и ќе бидат означени како свежа бруцошка крв.

Се сеќавам каква бев јас овој период пред две години, преплашена и збунета.. како ли ќе го спремам цел тој материјал за да ја положам матурата, не знаејќи дека количински толку материјал ќе имам за само еден испит, и тоа ќе ме радува, и ќе го нарекувам „ малку за учење“. Бев преокупирана со бркање просек, за кој сега не се ни сеќавам колку ми беше. Општата основна разлика што разграничува од тогаш и сега е самиот факт дека сега се молиш да те запишат доколку не одиш на предавање, а тогаш ќе помрдневме планини за да не ни го има името во дневникот. Чудно, моето често го имаше, па преживеав.

Луѓето без кои не можев да си го замислам животот тогаш, сега постојат само како благи, бледи сеќавања. На прсти се бројат луѓето со кои сеуште комуницирам од средно. Сите оние ветувања дека ќе останете во контакт автоматски пропаѓаат во вода во моментот кога на факултет ќе запознаеш луѓе кои буквално го делат истиот сон за иднината. Тогаш останува само да се поздравувате кога случајно ќе се сренете некаде и да се потсетувате на времињата кога дремевте после часови на кафе и трошевте време на плитки муабети.

Оној договор што вербално се потпишува со класната и со омилените професори дека ќе доаѓаме да ги посетуваме се поништува веднаш кога ќе сфатиш дека имаш неколку години неуморно бркање професори по ходници, и тоа малку слободно време што го имаш, ќе го искористиш за поприоритетни личности. Штета, баш си ја сакав класната. И она нас многу не сакаше. Веројатно, затоа сеуште нема земено друг клас. И треба доживотен одмор.

Шлагот на средношколските години - матурската вечер. Да можам да се вратам, не би знаела од каде да почнам да менувам. Но, знам дека на крај ќе се сопрам, и нема да сменам ништо, само тивко ќе стојам од страна и немо ќе набљудувам, велат повторувањето е мајка на знаењето. Затоа што да не беше таа вечер, немаше да сфатам многу работи. Сега, матура ме потсетува само на три работи: премногу фрлени пари, недефинирана драма и крајно неудбна облека. На мојата матура фалеа само неколку шамари и фрлени пијачки во фаца, се друго беше штиклирано од листата. Цела вечер размислував на фармерки и старки, затоа што после главното фотографирање, никој не те забележува како изгледаш. Ни самиот не се забележуваш како изгледаш. И на крај, фустанот само ти зафаќа место во плакар.

Средно завршува. Крај на уште едно поглавје. Прво лето да се чувствуваш како возрасен. Сега си големо легално дете, со енергија за нови глупости. Приемни испити, првите моменти кога ќе почнеш да си ја трескаш главата со прашањето дали ќе го има твоето име на списокот. Веднаш потоа си ветуваш нов почеток и дека ќе се трудиш повеќе, дека ќе свртиш нов лист. За на крајот да си истата личност, со реалистичен апдејт, онолку колку што дозволуваат годините. Оние кои брзаа да пораснат, ќе се угушат во сопствената досада. Оние кои тивко се криеа во својот оклоп, ненаситно ќе побудалат. Оние ретки кои живееле умерено, ќе продолжат со исто темпо, но со побистра глава.

После некоја година, сфаќаш дека не се сеќаваш зашто не комуницираш повеќе со одредени луѓе. Сфаќаш дека си заслужувал многу повеќе. Почнуваш да размислуваш многу поинаку. Да ја гледаш поголемата слика. А понатаму ги согледуваш и неколкуте разлики. На пример, со преминот од средно на факултет, мувањето се преточува во секс за една вечер. Исто така, конечно доаѓа мисла во глава дека ич не треба да се замарш со тоа што другите го мислат. Но, сепак луѓето и понатаму ќе практикуваат непотребна драма и ќе повредуваат со наоштрени зборови. Велат средно те менува. Всушност, средно те деформира. И потоа конечно имаш простор од почеток да се оформиш. Со желба и надеж дека работите ќе се сменат на подобро. Но, за кој како, затоа што на крај факултетот е исто што и средно, само со поскапи книги.



You Might Also Like

0 comments