Исповедите на еден бивш зависник од кофеин.

Sunday, February 03, 2013

За оние кои добро ме познаваат, кафето ми беше најголема доблест. Зависноста од кофеин стана неподнослива во моментите кога не можев да се освестам се до третото кафе. А моите кафиња не беа лесни за поднесување. Две лажички нескафе, исто толку шеќер, во врела вода, тоа беше мојот совршен рецепт за максимално уживање. Не можев да си го замислам денот без кафе. А со оглед на тоа дека сум студент по архитектура, ми беше потребен кофеин за да можам да го издржам сето тоа вечерно цртање. Се сеќавам криев бокал кафе во последната фиока од работната маса затоа што не сакав моите дома да приметат дека нешто почнува да ги надминува границите на нормалата, за што бев и јас свесна. И сето ова имаше придонес во мојата хиперактивност, која стана дел од мојот идентитет. Немав потреба од спиење и ретко јадев. Ама битно, во рака секогаш го имав омилениот Старбакс термос.

Иако значително го намалив кафето уште оддамна, од пред два месеци го откажав целосно. Дали ми фалеше на почетокот? Можеби. Но, морам да признаам дека освен вкусот и естетиката на „ајде да седнеме некаде на кафе“, неговите ефекти воопшто не ми фалат, ни најмалку. Помислата дека не можеме да се расониме без кафе, или дека можеме да останеме повеќе будни е само обичен мит. Не за џабе велат дека се е до психа. Бидејќи се посветив на целосно здрав начин на живот, кафето го заменив со топол чај или благо какао. А за учењето навечер, искрено, ако не сакаш да седнеш и да научиш, ни кафе не те држи буден. Бидејќи очигледно одлично функционирам и без кофеин, научив за себе дека кофеинот за мене повеќе влијаел на психичка од колку на физичка база, а јас искрено ужасно се фрустрирам ако сум зависна од нешто, и да мислам дека не можам да функционирам без истото.


Наредно, да ги споделам разликите од без и кофеинскиот начин на живот кои со тек на време ги воочив и кај себе. За оние кои сакаат да внимаваат на својата линија и своето здравје, кафето, освен тоа што го забрзува метаболизмот,  не врши никаква полезна функција. Кофеинот се сврзува со молекулите на вода, што значи дека кафе после вечер помината со многу чашки алкохол во рака, не е паметна одлука, со оглед на тоа дека потребна е вода за прочистување на организмот. Значи, чаша чај е подобра опција, особено зелениот чај, кој е природен антиоксидант, кој го поткрепува имунитетот и го активира метаболизмот, а за разлика од кафето, хидрира и освежува.

Кофеинот активира и не прави да се чувствуваме побудни, но за да го овозможи тоа, го активира и хормонот кортисол, хормон на стресот. На оние кои страдаат од анксиозност, нервоза или депресија, кофеинот е најголем непријател. Немаме потреба од дополнителни тахикардии и аритмии, според мене, мислам дека е доволно тоа што живееме во прилично динамична ера. Исто така, кофеинот не помага во диетите, иако го потиснува чувството на глад, додадено на тоа создава зависност и го нарушува квалитетот на сонот.

Досега кофеинот губи во секоја битка со другите, очигледно поздрави напитоци. Тогаш, зашто е толку голем процентот на неговата конзумација? Претпоставувам станува збор за обична навика, традиција што сме ја научиле од дома уште од мали. Зашто упорно конзумираме кофеински напитоци, иако знаеме дека можеме да направиме нешто подобро за нашето здравје? Очигледно ги поврзавме хедоизмот со мазохизмот, и почнавме да уживаме додека се самоуништуваме. И после некој друг ќе ни е крив.

Откако ги прочитавте сите овие факти и можеби ќе почувствувате дека сум во право, со што ќе ја наполните вашата чаша нареден пат?



You Might Also Like

0 comments