Она што мислиш, тоа стануваш.

Saturday, March 23, 2013

Мисливе секогаш ми се движат по некои нивни самостојно избрани патишта. Особено не е препорачливо да сте во мојата глава за време на внатрешни несогласувања и немири. Прво морам да напоменам дека јас не можам да се снајдам во тој хаос на несредени, хаотични мисли во нормален ден, а не па кога сум под притисок. Да ја концентрирав сета таа мисловна енергија на нешто попродуктивно, сигурна сум дека до сега од мене ќе станеше влијателна личност. Од оние кои го менуваат светот. Скоро секогаш имам мелодија заглавена во глава. Сеуште сум фасцинирана како таму секогаш го знам текстот, а да треба да го запеам, зборовите наеднаш исчезнуваат. Па ќе си измислам некоја #НовоКомпонирана или ќе ја адаптирам врз моменталната ситуација. Скоро секогаш кога сум во друштво на некоја моја блиска личност, смислувам многу чудни песнички, што немаат никаква смисла, најчесто набројувам предмети покрај кои поминуваме. Или смислувам рими со зборови кои би биле маркери за тој ден. Не можам сега да дадам пример, тоа доаѓа спонтано. Веројатно не ни може да се долови во пишана верзија, треба да си на местото на настанот. Нешто што треба да научам да правам, е да молчам додека размислувам. Гласното размислување воопшто не ми било од корист додека коментирам некој во моја непостредна близина. И воопшто не е тоа интересно и нешто за кое би се насмеале доколку тоа е некој твој професор или претпоставен. И потоа здрвено стојам и се надевам дека мислите не ми прошле низ уста. Нема враќање назад, било поминало. #утеха
Јас сум ко оние стаклените кугли со конфети внатре. Ако ги промешаш настанува толкав неред што не може да се види украсот внатре, па треба да почекаш да се стабилизира. Така исто и јас. Кога имам несредени мисли, сум најтивка. Седам во едно место и чекам да се смири ситуацијата. Веројатно е така најдобро.
А ако постојат деструктивни мисли, нив ги имам секогаш во најголем број. Некако мојата имагинација, дарба за иновативна креација и потсвесна желба за мазохизам создале мал монструм во глава за кој ми требаше подолго време и долги часови незалудно потрошени во вежбање медитација за да му залепам дебел фластер врз уста.Порано посакував да бидам нормална, од оние кои едноставно ништо не им поминува низ глава. Подоцна сфатив дека не постојат такви. Постојат секакви. Но, треба да ги најдеш оние со слични мисли, за да се разберете едни со други. Ништо не постои и не може да опстои без добра комуникација.
Но, најважно од се е тоа што си ги прифатив мислите. Не како свои, бидејќи не се. Верувам дека тие се универзални. Јас само ги привлекувам. Како радиото што функционира со прифаќање на фрекфенции. Затоа го променив начинот на размислување, научив како да привлекувам позитивните. А тоа е најбитно, знаете како велат, мислите се најважни, она што мислиш, тоа стануваш.




You Might Also Like

0 comments