Генетски инженеринг

Sunday, March 24, 2013


Прво, да ги поздравам сите оние што веднаш ќе ме негираат и контрираат во мислењево со зборовите „уште си мала, живееш во свој свет, работите во реалноста се поинакви.“
Или „чекај, да видиш кога ќе треба да се вработиш, веднаш ќе се опитомиш.“
Сетете се дека и вие сакавте да го промените светот ама дозволивте општеството и стравот од преминување на границите да ве натераат да се совпаднете помеѓу огромните толпи на луѓе кои секој ден стануваат, одат на работа, го работат она што го презираат само за да ја добијат платата што ја посакуваат, и ќе се залажуваат себе си дека успеале во животот и се среќни. Тоа е ваша работа. Јас сум толку гневна што куцам на тастатурава со толкава брзина што веројатно нема да го препрочитам текстов за да не се пукнам од нервоза и ќе има грешки и нелогичности и некохерентни мисли ама ич не ми е гајле. Ова е моето мислење и имате право да не се согласувате.

Тажно е да учиш на факултет за светската архитектура,
да читаш за архитекти кои оставиле градби за паметење,
секој предмет од тебе да бара максимална посветеност и концентрација,
инвестираш во својата иднина, со цело тело и душа и се предаваш,
ти навлегува во душа, ти ја размрдува имагинацијата,
те учи како да размислуваш за потребите на човекот,
како да го креираш просторот, да создаваш амбиент,
да ги потенцираш квалитетите а да ги корегираш грешките..
архитектурата да не ти стане само професија туку и начин на живот.

и потоа да излезеш од факултет, полн со идеи, ентузијазам и енергија за работа, и да се запознаеш со бруталната вистина дека зависиш од некој претпоставен, за кој очигледно не го интересира твоето мислење како архитект, визионер, креатор, туку му треба твојот потпис за да може да ја реализира својата замисла.

И потоа ќе те плукаат, ти ја валкаат љубовта кон работата, онаа пасија која ти се вродила,
имаш талент, имаш очи кои гледаат поинаку, и некој ти става наочари со несоодветен диоптер и ти вели дека ти се потребни само затоа што тој така мисли дека е најдобро,
ти ја гасат невината желбата да промениш нешто во овој дисфункционален систем само затоа што они го имаат крајниот збор, а ти мора да бидеш нивна потчинета марионета.
Не можеш да ги исечеш конците, веќе те заврзале со синџири.

„Вие архитектите и вашите луди идеи, ништо не знаете, живеете во илузија.“

Очигледно луѓето нема никогаш да не почитуваат.
Не учеле историја на архитектура,
не ги подвлекувале специфичностите на вековите,
немале презентации со развој на архитектурата во сите свестви градови,
не цртале, не анализирале, не биле учени да размислуваат поинаку,
немале проекти, теренски задачи, макети на светски дела,
„си црткате и си сецкате, детска работа“
не ваделе белешки од архитектонски ремек дела,
не ги слушале предавањата на нашите архитекти, професори, асистенти,

..не го користат интернетот да разгледаат како се развиваат светските градови, туку седат пред телевизор и чекаат да им биде наметнат начин на размислување.

И после како да не си исфрустриран. Фрустрацијата преминува во тага и разочарување.

„Ако сакаш да бидеш среќен, ќе треба да го игнорираш овој проблем.“
“Зашто баш јас да се занимавам со ова, можам да бркам соништа и да заминам во странство“,
„Абе заврши си го факултетот, животот е краток за да трошиш нерви за глупости.“
Заради таквите размислувања се случува ова.
Затоа што секој себично си ја гледа само својата работа.

Јас седам тука и гледам како ми го силуваат родниот град, и патем да ме прават будала на здрав разум и утре да ми речат дека не е моја работа, друг решава ти само цртај, проектирај, а друг ќе реализира..
Тој што решава нека подразмисли малку. Минатото не можеш да го срушиш, да го скриеш позади фасади и скулптури. Пак ќе најде начин да излезе низ некоја пукнатина што не си ја измалтерисувал како што треба.
Не можеш да наметнеш нов идентитет. 
На сите нас ни се смее цел свет, а на нас архитектите ни ја газат професијата.
А вие продолжете да молчите, кај и да е и мене некој ќе ми го одземе гласот.

инспирирано од: Генетски Инженеринг - Предраг Петровиќ

You Might Also Like

0 comments