#Љубов, прости ми ако грешам.

Friday, March 29, 2013

Љубовта е како цвет. На почетокот и е потребно ѓубриво да ја направи поцврста за да се пробие низ земјата и да излезе на површината. Различни цветови, различни вкусови. Сите го сакаме оној најубавиот, најблагиот, оној кој остава без зборови, но инспирира и за него се пишуваат текстови. Но и за мед е потребен убод од пчела. Не се откажувај ако твоето семе не одговара во туѓата почва, можеби онаму каде што најмалку очекуваш, таму ќе вроди најубав плод.

Според мене, сите врски се успешни, без разлика на интервалот на нивното траење и на кој начин завршиле. Не верувам во залудно потрошено време и не сакам да го сменам минатото. Онакво какво што е, такво треба да биде. Му подавам рака, го прегрнувам најпријателски и продолжувам понатаму. Секоја врска со себе си носи одредена лекција. Верувам дека секоја личност, во тој одреден период, ни е дадена како значителна за да направи некоја промена. Да не разбуди, да не протресе, да ни ги отвори очите. Верувам во различни видови на љубов. И тежнеам кон онаа, вистинската.

Она што го научив е дека најлесната опција за една врска е таа да биде дисфункционална. Бирањето погрешна личност е веројатно првиот избор на оние кои не сакаат емоционално да инвестираат. Не затоа што не се способни, бидејќи секој е способен, туку затоа што немаат доволно храброст. Така е поедноставно, уште од почетокот знаеш, односно чувствуваш дали ќе биде или не. Оние кои велат дека не очекувале, лажат. И кога се ќе заврши и невремето ќе помине, останува искуството, подвлечен со дречлив жолт маркер, со потсетник за следен пат.
Она што е лесно кај таквите врски што се пресудени на пропаст е тоа што уште од почетокот сте спремни и свесни дека тоа нема да функционира. Помирени сте со фактот. Го игнорирате и го пролонгирате крајот затоа што треба да ја научите лекцијата. Нема разочарување. Нема болка. Лесно е. Ќе помине.

Зашто, при здрав разум, би му ја давала можноста на некое друго човечко суштество да ми го скрши срцето? Кое е тоа ниво на мазохизам во кое многумина очигледно уживаат?
Тие истите што размислуваат на овој начин, си прават ментална блокада со која ја отфрлаат можноста дека таму некаде постои компитабилна личност совршена и создадена баш како за нив. Со сите маани и доблесни, со сите позитивни и негативни карактеристики. Па решаваат да се затворат емоционално, да станат независни и ладнокрвни, ограничени. На тој начин веруваат дека се заштитени, недопирливи и со тоа моќни и непобедливи.

Се почесто гледам како луѓето ја оставаат љубовта за понатака во животот, како да е обврска што треба да ја исполнат. Не е нивна вина, веројатно од дома се така научени. Не можам да се споредувам себе со некој што е израснат во околина каде што од кога знае за себе му влеваат во глава дека не треба да се заљубува и дека треба да се концентрира врз кариера. Има време за љубов. Љубовта губи од приоритетност, а тие истите најверојатно ќе ја израционализираат до степен на преобразба во нешто што не е.

Чувствувам голема потреба да ја заштитам љубовта. Ја чувствувам како една од ретките преостанати маѓии на кои не и барам објаснување, сакам да е мистична, комплицирана и фантастична. Сакам да го тресе тлото под мене. Не сакам да постои формула за нејзино решавање или стрелки до нејзино пронаоѓање. Оставете ја да биде страшна и конфузна, спонтана и непредвидлива, таква е најубава, не потсетува дека сеуште сме луѓе кои немаат контрола врз секое поле од нивните животи. Не потсетува дека сме луѓе, потребни едни на други.

Да инвестираш во врска значи да си ранлив, да му веруваш на некој со цел внатрешен систем, заедно да градите ваша, заедничка иднина како тим, да го пуштиш низ лавиринтот на твојата личност, и најважното, да љубиш без да прашуваш зашто. Воопшто не е лесно, треба секојдневно да даваш парче од својата душа, дел од својата енергија. Веќе не размислуваш само за себе, се трудиш, работиш и создаваш и за некој друг. Веќе не си ЈАС, туку стануваш НИЕ. Не го губиш идентитетот, туку го збогатуваш. Не ослепуваш, туку ги шириш хоризонтите. Учиш како да слушаш, да помагаш и да разговараш. Боли само кога ги крши ѕидовите кои со години си ги градел како тврдини околу твоето срце. 

If you love deeply, you’re going to get hurt badly. But it’s still worth it.
C.S Lewis

Љубовта е како цвет, има потреба од внимание, некој да ја полева редовно со доволно, не премногу вода, да ја врти кон сончева светлина, но и да ја заштитува кога има бура. На цветот му треба простор, но и близина. Чист воздух и здрава земја. Не сака да биде скинат и присвоен, но сака да биде чуван и заштитуван.  И иако можеби има милион исти или слични како него, тој да биде уникатен и да воодушевува секој ден како да е прв и последен, истовремено.

You Might Also Like

0 comments