Неколку мали нешта кои ме прават многу среќна.

Saturday, June 15, 2013

Ново утро и сончева светлина низ малите простори на ролетните. Будење пред алармот. Она прво отварање на очите. Истегнување и крцкање на коските. Порака за #доброутро. Замисли, навистина сум наспана и спремна да го започнам денот.Свеж цеден сок од портокал. Обилен, здрав доручек. Широко отворен прозор и поглед на зеленило. Полна батерија на лаптопот, а полначот за секој случај е во близина. Брз интернет. Нова епизода од омилената серија. Добра снимка на актуелниот филм. Инспирација за твитање. Заборавено скриено чоколадо на најгорната полица. Какао со шлаг во омилената шоља. Долга туш терапија. Пеглање на чиста коса. Мирис на омиленото млеко за тело. Најомилените тесни фармерки и бела кошула чисти и испеглани чекаат во плакар. Стари заборавени старки спремни за носење. Совршено ставен туш на очите. Заборавена 100тка во малиот џеб во ташната. Музика која е погодена со моменталното расположение. Доаѓање на автобусот моменти по застанување на автобуска. Празно седиште до прозор. Продуктивност. Крај на семестар и успешно завршување на обврските. Своето име на списокот за положени. Расположени и комуникативни колеги. Парк преку ден: мирен, чист, зелен, опуштен. Сенка под големо дрво. Мало маче кое сака да се гали. Омилениот ручек со свежа салата. Новооткриена алтернативна музика. Мирис на цвеќе. Удобната позиција пред телевизор. Средена и чиста соба со организиран плакар. Заборавени загубени но повторно пронајдени работи. Успешно направена јога асана. Парче од омилената торта. Чаша чоколадно млеко. Бакнеж кој ти го раздвижува оној пределот под желудникот. Силна гушка полна со емоции. Длабок поглед низ кој можеш да го видиш универзумот. Топол допир кој ежи. Неговите прсти низ мојата коса. Држење за рака. #Љубов. Долги прошетки без дестинација со кои времето брзо поминува. Искрени муабети. Пица капричиоза со многу печурки и сос од домати. Кригла ладно пиво со кикирики. Пржен сладолед и колаче со порака. Спонтани собиранки со одлична атмосфера. Празни улици и поминување на црвено. Полна месечина и чисто ѕвездено небо. Погодување на клучот од прва. Светлина од свеќи и мирис на ванила. Мирисот на неговиот блузон. Чиста постелнина. Ладната страна на перницата. Тивки разговори за добра ноќ. Заспивање во неговите прегратки. Спиење со отворен прозор. Ноќ без глупави соништа. Се будиш и гледаш како мирно спие до тебе.


You Might Also Like

0 comments