Како до успешна врска?

Tuesday, August 13, 2013

Се во животот доаѓа преку искуство. Понекогаш е потребно неколку пати да згрешиш за да си ја научиш лекцијата. Многупати одговорот веќе го знаеш но, не сакаш да си го признаеш на себе. Но како и да е, се се случува со причина.

Пред некое време се прашував што е она што мене ме прави различна од оној тип на луѓе кои постојано менуваат партнери без план да се задржат на некој подолг период, кои единствените задоволства ги наоѓаат во неограничена забава со идеја дека стабилен партнер ќе ги стационира во една точка која ќе биде причината за нивно самоуништување. Можеби не го нашле оној што навистина им одговара. Можеби го нашле, но не знаеле како да го задржат. Можеби едноставно немаат потреба од љубов и имаат други приоритети. Или не го знаеле рецептот за успешна врска?

Она што научив е дека ако почнеш да анализираш ќе останеш уште повеќе збунет.
Друго што научив е дека не се контролира срцето. Оние што сериозно мислат дека можат да бидат во врска со некој што очигледно не ги привлекува на секој можен начин мислејќи дека времето ќе ги зближи и подобри, ќе завршат со измачување кое може да трае со години и разочарување низ кое треба да преминат.

Мојата теорија е дека сите добиваме онаква љубов каква што ни е потребна. Ако сеуште ја бараш совршената љубов а од нејзе ни трага ни глас, не си ли помислил дека едноставно можеби не си доволно спремен за неа? Можеби треба да поработиш на себе пред да излезеш и да бараш некој друг. Исто така ако си во лоша врска која нема иднина, дали знаеш дека вредиш повеќе од измачувањата и подобро е да бидеш сам и да престанеш да се плашиш од промена? За се е потребно време, но времето не чека никој. За љубов е потребно отворено срце. А вистинската љубов ниту манипулира, ниту повредува. Луѓето го прават тоа.

Во последно време ги добивам коментарите од типот на „пензионерска двојка“. Јас искрено сум многу среќна што имам човек до кој можам да јадам шпагети и да гледам FoxLife, кој ако заспијам на тросет ќе ме покрие со ќебенце и ќе ме бакне во чело. Или уште подобро ќе легне до мене и ќе ме гушне. После напорниот ден сакам удобро и безгрижно да се опуштам и да се одморам покрај него. И двајцата обожаваме филмови така да на крајот од вечерта единствениот проблем е кој филм е следен.

#Онакога некој те прифаќа онака каков што си. Опкружени сме со доволно негативна енергија од оние кои секогаш имаат плус критика за нечие размислување или однесување, затоа кога цврсто ќе ме гушне сакам да знам дека ете една личност пред која сум таа што навистина сум и се чувствувам удобно во својата кожа. Зашто би сакал да промениш некој? Си се заљубил во сите мали и големи маани исто како и во доблестите со кои те остава без зборови. Си се заљубил во целиот пакет. Да, верувам дека го иритира фактот дека секогаш каснам ама знам дека кога ќе ме види колку сум се потрудила да изгледам совршено за него, ќе му помине лутината. Сега едноставно седи и гледа телевизија во дневна додека јас се трудам да го нанесам тушот еднакво на двете очи.

Работите кои ме иритираат кај него се истите кои ме иритираат и кај мене, затоа ги забележувам, бидејќи не можам да ги сменам кај себе, или мислам дека не можам. Како на пример фактот дека сум неодговорна и секогаш заборавам да направам нешто. Затоа сме заедно, за да се потсетуваме. Кога иритираноста ќе ја замениме со прифаќање, ќе сфатиме колку е добро чувството да имаш некој покрај себе што ќе остане таму и во времето кога ни самиот не се поднесуваш.

Врската ќе се развива се додека останете индивидуи кои едноставно сакаат да бидат заедно. Толку е тоа едноставно и нема потреба од понатамошно комплицирање.
Воопшто нема да штети ако тој излезе на пиво со другарите, или таа на трач кафе со другарки, се додека на крајот од вечерта се враќаат еден на друг. Двајцата имаат свои активности со кои ни едниот ни другиот немаат врска но би сакале да си го раскажат текот на нивниот ден.

Не треба да ја заробуваме личноста само затоа што е наш партнер. Цвеќето не се чува во тегла. Се засадува на широка почва каде има простор самостојно да се развива и да плени со својата убавина. Така и љубовта. Кое е тоа задоволство да ограничуваш некој? Тука сме еден за друг, за да си помагаме кон остварувањето на соништата. Доволно ни е што сами себе си се ограничуваме, затоа имаме потреба некој да ни ги рашири крилјата.

Оние што мислат дека партнерот не е и најдобар пријател, грешат. Грешат до тој степен што додека не го сфатат тоа ќе си имаат сериозни проблеми во секоја врска. Со пријателството се губела страста. Со недоверба се губи страста. Недовербата раздвојува. На крајот на денот, единствената личност која навистина е среќна ако ти си среќен ќе биде оној кој навистина те љуби. Зашто тогаш не би ја споделила цела таа тежина што ја носиш со некој што најмалку што може да направи е да те сослуша и да ја подели со тебе за да можеш малку да се исправиш. Искрениот разговор, довербата и поддршката се главни состојки на едно пријателство, затоа се додаваат на рецептот на успешна врска.

По природа секој човек има заштитен кинески ѕид околу себе, но ако мислиш дека некој вреди, дозволи го да го сруши. Доколу мислиш дека не вреди, зашто сеуште некој би го трошел своето време со таква личност? А што доколку заебе? Барем знаеш дека ти не си бил тој што не дал се од себе и со повеќе искуство продолжуваш понатака со потрагата по твојот друг дел.

You Might Also Like

0 comments