Како го победив стравот.

Saturday, August 24, 2013

За почеток, кликни и уживај >> ♪ ♫ Emily Underhill - Lost In Me (Splinter's eMotion Pictures Remix)

Драг читателу, овој текст го посветувам на тебе. Го посветувам на сите оние кои живеат пасивно. Кои исплашено го чекаат вистинскиот момент за да го отворат своето срце и да го ослободат својот ум, заборавајќи дека можеби вистинскиот момент е сега, или можеби не е, но никогаш нема да знаеш ако не пробаш, нели?

Стравот е најголемиот непријател. Стравот од неуспех ја уништува внатрешната енергија. Блокира и ја опседнува целата внатрешност, а потоа се шири и се вдомува во душата. Страв од иднината не постои во реалноста, но постои во нашите глави. Имаме тенденција да креираме страшни сценарија кои се доволни да ни го уништат расположението. Потоа истите ги повторуваме без да забележиве дека се самоуништуваме. Што е најлошото што може да се случи? Ајде, замисли го. Што ако ти гарантирам дека ако се оствари, пак ќе преживееш?

Животот е премногу краток за да не се инвестира максимално во овој момент, сега. Најди нешто што те прави навистина среќен и не го пуштај од раце, држи го цврсто и заштитувај го од сите кои сакаат да ти го одземат. Ако немаш нешто такво, барај. Почни уште од денес, почни уште од сега, од овој момент. Инспирирај се. Изгуби се, па пронајди се. Згреши за да научиш. Не се откажувај. Истражувај. Запознај се повторно. Прифати се онаков каков што си, таков си најдобар.

Стравот не може да се уништи бидејќи човечки е да се плашиме. Седи скриен во најдлабокиот агол на нашата потсвест и чека совршен момент да настапи на сцена. Ако му дозволиш, ќе те држи за врат и полека ќе стиска се додека не почувствуваш потешкотии при дишење. Бори се против него со сета сила и не се откажувај. Јас, на пример, понекогаш ставот го замислувам како дементор кој кога ќе почувствувам дека ќе нападне, во себе вриштам Еxpecto Patronus. Но, најчесто, стравот не е реален, тој е само богарт.. riddikulus. Замисли како излегува од плакарот, а сега направи вистинска комедија. Смеј се почесто. Уживај во смеењето.

Стравот се победува со љубов. Љубов кон животот, кон убавите работи што постојано се случуваат насекаде околу нас. Љубов кон таа посебна личност која не мотивира да бидеме подобри. Љубов кон родители кои не челичат да бидеме посилни. Љубов кон тоа мало дете во нас што тропа по врата за да биде пуштено на слобода. Отвори го срцето, љубовта нека тече слободно.

Сите имаме пламен во себе. Замисли како пламен од свеќа осветлува бесконечна темна просторија. Кога стравот доаѓа, пламенот се намалува. Никогаш не дозволувај да згасне жарчето што тлее во тебе. Разгори го, нека ја запали сета твоја душа. Бидејќи тука сме за да уживаме. Во уЖИВаме има три букви од ЖИВот. А стравот стави го во кутија и закопај го онаму каде што никогаш нема повторно да биде пронајден. Што и да се случи, ќе преживееш. Живеј слободно.

You Might Also Like

0 comments