Десетте божји заповеди на Богот на шминката.

Friday, September 20, 2013

1. Не користи пудра која е друга нијанса од твојата кожа.
Колку пати сме биле сведоци на оваа катастрофална појава кога лицето не си одговара со останатиот дел од телото: или е премногу бледо, или е премногу темно. И кога на сето ова ќе се додаде линија која го граничи лицето со вратот, се добива колуминација на болка во очите.
Совет: консултирајте се со поискусен за нијансата на вашата кожа.
Совет плус: пудрата убаво се размачкува и на вратот.

2. Не ги исцртувај веѓите со моливче. 
Веѓите се оние кои даваат дополнителен израз на очите и потребно е сериозно да се земат во обзир кога се обликуваат. Моливчето е премногу грубо за нешто што треба да се третира со особена нега и внимание. Она што е потребно да се постигне е една континуирана блага линија која, па затоа се исполнуваат само празнините, а не и целата веѓа.
Совет: користете сенка во нијанса со бојата на косата и нанесете ја со тенка четка.
Совет плус: следете ја природната линија на веѓите, одбегнувајте вештачки создадена линија, таа само може да ви ја размрда хармонијата на лицето.

3. Одбери или очи или уста.
Одберете кон што ќе го насочите фокусот. Нема потреба од пренатрупување. Ако сакате впечатлив поглед, истакнете ги очите со интензивна сенка, убаво исцртана линија со туш и многу маскара, но задржете неутрална, нежна боја на усните. Но, ако го посакувате оној интензивен кармин со силна боја, тенка линија со туш и малку маскара е сосема доволно.


4. Користи соодветна крема пред шминкање.
Пред нанесување на шминка, потребно е да се создаде некаква основа на која што шминката поубаво ќе легне. Затоа, шминка се нанесува на чисто и свежо лице. Кремите за хидратација се тука да го заштитат и спремат лицето.
Совет: кога се шминкате за настан кој ќе трае цел ден или цела вечер, користете прајмер за пудра по нанесувањето на кремата. На тој начин пудрата ќе остане и шминката ќе изгледа совршено како и на почетокот, така и на крајот од настанот.

5. Не ја исцртувај устата надвор од својата линија. 
Моливчето за уста се користи за истакнување на одредени делови, не за зголемување на волуменот на устата. Никој не сака да изгледа како кловн, а тоа е ефектот кој ко создава моливчето кое е нанесено надвор од природните линии на усните.
Совет: за визуелно зголемување на волуменот на усните, ставете им сјај само во центарот.

6. Не ги користи сите можни сенки.
Градација на неколку бои создава посилен ефект од колку користење на цела палета. Повеќе различни бои привлекуваат внимание, но на негативен начин.
Совет: убавината на окото се истакнува со најсветла боја во почетокот и најтемна на крајот.
Совет плус: стави памукче под окото кога нанесуваш сенка. На тој нечин нема да падне сенката врз образот или да се размачка под окото и пудрата е заштитена.


7. Не користи црно моливче за преку ден.
Малкумина сфаќаат дека премногу црно моливче ги затвора очите. Дневна шминка треба да биде лесна и едноставна, со светли бои кои ќе му дадат одморен изглед на лицето. Одбегнувајте нанесување црно моливче во внатрешноста на очниот капак и на тој начин ќе избегнете визуелно намалување на очите.
Совет: за дневна шминка потребно е коректор, лесна пудра, маскара, руж и кармин во неутрална боја. Лесно и едноставно.


8. Не користи премногу бронзер.
Бронзерот не е за цело лице, освен ако не сте со таа боја на кожа. Нанесувањето на премногу бронзер дава ефтин и непрофесионален изглед, но со негово умерено користење се истакнуваат надобрите црти на лицето. Користете го за дефинирање на јаболчниците или пак наместо руж, но со своја граница.
Совет: нанесете посветла сенка на очите во мат боја низ целиот очен капак а потоа онаму каде што навлегува нанесете бронзер кој убаво ќе горазмачкате низ целата таа линија на капакот.

9. Не претерувај со ружот.
Ружот изгра голема улога во секој посакуван изглед. Без него лицето нема димензија. Но, тоа не значи дека треба да се нанесе низ целиот образ. Ако пробате да прошетате со прстите по образот, ќе ја осетите коската. Таа е потребна да се дефинира. Ружот се нанесува нежно и внимателно, во блага дијагонала. Нема потреба да правите израз на риба, едноставно забележете каде е таа линија која треба да се потенцира.
Совет: ружот нанесувајте го со четка која малку ќе ја протресете пред нанесувањето, на тој начин ќе падне вишокот.
Совет плус: нанесувајте го ружот во еден правец: од увото кон устата. На тој начин ќе се добие градација на бојата, која дава совршен изглед на јаболчниците.


10. Вади ја шминката пред спиење. 
Општо познато е дека шминката ги затвора порите, а лицето е потребно да дише. Дајте му сон и ќе ви се заблагодари со помалку брчки во подоцнежните години. Можеби сега изгледа напорно и досадно, но е најважната задача која морате да ја исполните.
Совет: сретствата за вадење на шминка секогаш чувајте ги на масичката до креветот. Или ако сте премногу мрзливи, користете влажни марамчиња наменети за вадење шминка.

И за крај,
не е поентата да купуваш скапа шминка, туку и со ефтина да создадеш скап изглед.

You Might Also Like

0 comments