13 Хајлајтс оф 2013

Tuesday, December 31, 2013



1. Првото заедничко зимување
Годината заедно ја започнавме во Крушево. Се будевме заедно, заспивавме заедно. Деновите ги поминувавме со план и програма за посета на места кои му значат и кои сака да ми ги покаже, додека навечер се дружевме или останувавме во поинтимна атмосфера со чаша црвено покрај каминот. Ме запозна со сите негови роднини и пријатели, што беше голем чекор за човек како мене, не знатоа што не сакав, туку затоа што ми беше страв да не оставам лош или чуден прв впечаток.



2. Дознав дека боледувам од ретка болест
По подолг период конечно ми ја одредија дијагнозата. Боледувам од Ахалазија, ретка болест која се наоѓа во еден на сто илјади, која значи стеснување на хранопроводот во делот каде што се поврзува со желудникот и за која за жал нема лек. Сега сум редовна во Ремедика и со анастезиологот сум најдобар другар. Можеби во иднина ќе напишам пошироко за темава.


3. Почнав да работам како мејкап артист
Љубовта кон шминката спонтано го најде својот начин да исплива на површина. За почеток преку фризерско студио, а сега ме контактираат директно мене. Обожавам да гледам задоволни и самоуверени лица на крајот. Шминката ја гледам како еден вид на уметност, алатка со која умешно може да се истакне архитектурата на лицето. Не знам што ќе ми донесе иднината но, навистина уживам во тоа што го правам, така да се надевам ќе ми остане ова како хоби додека учам за да бидам и подоцна работам како архитект.


4. Бевме на Aqua Park фестивалот
Бевме решени да го посетиме аква паркот, но потоа кога ги здруживме силите со @darko156, @Natalija, @mufix, @ChaseWork, @jovanatozija, @ortographia и @KhayTeeB, знаевме дека забавата е загарантирана! Се дружевме со ЏаБест, пиевме многу туборг и твитаме ко да нема утре. Спиевме во шатори кои сами си ги поставивме и денсавме во први редови во гужвите исполнети со млади луѓе од цела Македонија. Но, на крајот од денот сфаќаш дека дефинитивно нема подобра дружба од дружба со твитерџии!

5. Мојот 21 и неговиот 23 роденден.
Решив да нема класична торта туку сама да направам роденденски чоколадни мафини. Мој прв роденден да го прославиме заедно со Марин. Не сакав ништо посебно освен да се видам со најблиските. За неговиот роденден со месеци планирав совршен подарок кој едвај успеав да го сокријам од него. Многу ми е мило што му се израдува и што знае дека го поддржувам да си ги следи соништата. Таа е таа моќна комбинација од рак и лав.



6. Првото наште патување и воедно првото негово кампување
Сакав да го запознаам со, за мене, рајот на земјата. После долги денови размислување и анализирање, кампувањето изгледаше како најдобра идеја и ме направи најсреќна фактот дека му се допадна мојот идеален пензионерски одмор покрај море и бараше начини да останеме неколку денови повеќе. Нема поубава комбинација од море, плажа и #љубов. Едвај чекам пак!


7. Првиот роденден на внук ми
Кој ме знае мене, автоматски го знае и него. Љубов е тој целиот. Бејби Пи го имаше најубавиот прв роденден, баш онаков каков што заслужува такво злато од дете. Темпераментен и тврдоглав, знае (читај сака) да привлече внимание и да ги забавува сите околу него. Ден претходно прооде, така да се пофали пред сите дека сега може независно да стои исправено. Многу брзо расте, еве го сега зборува и манипулира за да си го добие она што си го намислил. Џивџан.



8. Во крушево за 2ри август
Кај и да си, во Крушево за втори да си. Празникот коj го слави цел град, град кој воодушевува со убавина и топлина. Традицијата и историјата се секогаш главни овде, но во тој период од годината доаѓаат најмногу до израз. Улици полни со луѓе и музика од сите страни. Најдобар избор за излез од монотоното и загушливо Скопје во лето.
Крушево ми влезе под кожа, не знам дали затоа што е негов град или затоа што ми го покажа во најдобро можно светло.


9. Почнав да работам во АВОН
Случајно видов објава на фејсбук од девојка дека компанијава има потреба од нови претставници, а искрено претходно не знаев ништо за нив освен можеби дека постојат како козметика, па решив да пробам. Сакав хоби кое ќе ми го одзема вниманието од негативни мисли и си добив опсесија со прекрасни производи. Се запознав со многу прекрасни девојки кои сега ми се редовни клиенти, научив многу за комуникацијата со луѓето и си ја збогатив колекцијата со шминки.


10. Се родија прекрасните внуки Миа и Ема
Една од многуте убавини во врска со тоа што имам двајца многу постари браќа е тоа што имам полни раце внуци. Никогаш нема да ги заборавам оној повик по телефон во 3 сабајле и тоа чекање пред салата до изгрејсонце. И тогаш кога за прв пат ги држев во раце. Цел твитер славеше со мене таа вечер, а јас бев најсреќна! Сега се веќе големи, гугаат и постојано набљудуваат се што се случува  околу нив. Мали принцези, совршени за гушкање и мазење.


11. Се сликав за Санда
Уште една од неочекуваните предизвици. Не сум една од тие модели што ги гледаме по пистите, ниту пак сум имала некакво искуство од таков тип. Затоа сето тоа беше ново за мене. Шала на страна таа работа не е така едноставна како што изгледа. Како и да е, сега мојата слика ја има по списанија и во навистина големи формати низ трговски центри, а јас едвај ја чекам наредната прилика за фотосесија, ми се допаѓа да стојам пред објективот. #исповед



12. Награда за најсекси блогерка
Прво, бев изненадена кога видов дека сум номинирана. Второ, кога го чув моето име за победник, првото нешто што ми дојде на памет беше “треба да застанам на бина пред сите тие луѓе во публика, а има и камера!“ #малафобија. Рацете и нозете ми се тресеа, а немав ниту зборови ниту глас (среќа не ми го дадоа микрофонот да држам говор). Ви благодарам на сите што сте гласале, браво до blogirame.mk за беспрекорната организација и фала до Vincinni, @PelinkovacMK и @Badel1862 за наградите и прекрасното писмо!


13. Со Марин ја посетивме Анкара
Патувањето за кое се одбројуваа месеци, недели, денови.. Еве ме сега, пишувам од топлата соба во Анкара, додека тој се досадува на креветот и ме чека конечно да го завршам блог постов и да излеземе малку, да ја почувствуваме новогодишната еуфорија. До сега се изнашетавме по битни места, се изнагледавме работи кои ги нема во нашата земја и се изнајадовме традиционална турска храна. Годината ќе ја завршиме онака како што ја започнавме, заедно во #љубов.



Среќна Нова 2014 Година, Ви посакувам мноогу здравје пред се, затоа што здравјето е најбитно, потоа мноогу #љубов, среќа и успеси на сите полиња. Имајте прекрасен крај на старата и уште попрекрасен почеток и тек на новата! Останете ми поздравени, па се читаме во наредна прилика!

*Повеќето фотографии се од мојот инстаграм.
** Најголемо благодарам на Марин, за се. Тој е мојот хаштаг љубов.

You Might Also Like

0 comments