Мојата детелина со четири листа.

Friday, December 06, 2013



Ако животот би било едно големо поле со густо израснати детелини, тогаш несвесно или свесно го поминуваме во барање на онаа со четири листа. Ги поминуваме деновите наведнати кон земјата, нетрпеливо кинејќи една по една, со надеж дека таа посебната ќе ни ја донесе посакуваната среќа. Сите останати се небитни, а и зашто би биле, кога се обични и само пречат на патот.

Колку би било полесно кога во еден момент би исчезнале сите такви и би останале само оние кои ги бараме.. Но, дали тогаш ќе ја изгубат својата вредност?

Некои повеќе нема да чувствуваат возбуда во нивното барање, бидејќи ќе им биде на дофат, а тоа за нив е толку досадно, толку предвидливо и едноставно. Други пак, ќе останат во место бидејќи нема да чувствуваат предизвик да продолжат понатаму. Можеби ќе бидат ретки тие што ќе седнат покрај својата детелина и ќе бидат исполнети што конечно на полесен начин стигнале до својата среќа.

Но, нема да исчезнат непотребните, обични трилистни детелини, и тие се дел од густата трева. Се би се променило доколку би ги дигнале главите од земјата и би го насочиле погледот кон прекрасното поле. Колку е убава таа глетка на ниска и зелена градина.

Јас би легнала на неа и би гледала кон небото и би им давала конкретни фирми на облаците. Би земала една обична детелина и од друга би и додала еден лист. Сама би си ја создала таа посебна четрилистна детелина, би ја ставила помеѓу листовите на омилената книга, да ми ги означува омилените цитати засекогаш.

И би продолжила со чекорење низ полето, со главата крената нагоре, бидејќи среќата е со мене и можам мирно да уживам и опуштено да патувам. И кога сосема ќе заборавам, неочекувано ќе ја здогледам, повисоко издигната од останатите, мојата детелина со четири листа.




You Might Also Like

0 comments