Еден ден да стане сега.

Thursday, January 23, 2014

Постојано се фаќам во мисла дека кога она што ми фали ќе го имам, тогаш ќе бидам среќна. Како на пример професионален фотоапарат или подобар телефон, материјални работи кои би требало да ми го направат животот подобар. Кога тие се на страна од центарот на вниманието, таму доаѓа факултетот, кој знае да ти ја одземе целата енергија и на крај да те разочара и да те направи да не се чувствуваш како да си доволно добар. И пак си викаш, кога ќе ги положам испитите, тогаш ќе бидам среќен. Кога ќе завршам факултет ќе бидам среќен. Кога ќе се вработам ќе бидам среќен. Кога ќе добијам унапредување ќе бидам среќен. И до кога ќе ја бркаш среќата? Додека е веќе доцна да се промениш во ваквиот начин на размислување и ќе бидеш премногу заслепен за да ја приметиш дека цело време била тука до тебе.

Ми велат дека имам детско размислување затоа што се надевам дека еден ден ќе ја работам работата која ќе ме прави среќна и дека ако не е тоа што ми треба ќе заминам и ќе најдам нешто подобро. Тоа искрено ме фрустрира. Ме фрустрира фактот дека некои мислат дека сеуште сум дете само затоа што сакам да го гледам светот како убаво место на живеење, каде што сакам да сум родителот кој се враќа дома насмеан и не си ја истура нервозата врз своите деца. Сакам моите деца да ги научам како да бидат среќни, како да го почитуваат и живеат сегашниот момент и како да работат на себе, и за тоа јас да им бидам пример. Затоа што на крајот на денот што ќе ми е работа која носи многу силен економски и социјален статус кога моите деца дома ќе ме гледаат како ладнокрвен и далечен човек кои ги учи дека среќата доаѓа кога ќе го достигнеш наредното ниво. Не можам повеќе да трошам енергија да им кажувам на луѓето околу мене дека животот е еден и треба да се живее максимално, ама на крајот посилно е од мене и продолжувам да зборувам а они да коментираат дека премногу филозофирам. Не си ја замислувам иднината како седам и работам работа која не ме исполнува само за да имам како да си ја купам среќата, како да си ја дозволам среќата. Ќути си, трпи си. Не се труди да разбереш. Не се труди да промениш. Батали. НЕ!

Како можеш да дозолиш нешто да ти ја одзема животната енергија само затоа што не се совпаѓаш во шаблонот на вистинскиот човек на општеството? Ако сакаш така, океј е, супер, остани си таков ако те прави среќен но не ми кажувај дека сум наивна ако очекувам дека животов е за убавини, а не само за да е кучка и да умрам. Да, треба да поминам низ срања за да стигнам до убавото но нели поминав низ доволно од нив и ете сега е дојден добриот дел. И еве пак филозофирам пробувајќи да давам отпор бидејќи нешто во мене не ми дозволува да се совпаднам со монотонијата на постоењето. Затоа што тука сме да правиме големи нешта, нели? Како да го постигнеме тоа кога од мали не учат дека конфорт зоната е единствената зона и надвор од неа е крајот на нашето постоење кога можеби е, само почетокот на она што навистина сме. Бидејќи среќата е во моментов и треба да биде далеку од материјалнот свет. Или можеби среќата е различна за сите нас. На пример за мене среќата е во чашата кафе и погледот право во очи на личноста која седи спроти тебе, на која и го подаруваш она малку време кое го имаш на планетава. Среќата е во тишината и чукањето на твоето срце, бидејќи си жив и бидејќи постоиш.

Допри си го лицето, тоа си ти и внатре во твоето тело има душа во кое грее оган кој може да стопи ледови во мал милион луѓе, не дозволувај и тебе да те згаснат. Ако имаш глас, пеј! Ако имаш желба за цртање, цртај. Ако знаеш да свириш на некој инструмент, свири! Танцувај, дебатирај, бори се! Не дозволувај да ти кажуваат дека она што те прави среќен не е доволно добро за овој свет. На овој свет му се потребни повеќе живи луѓе, повеќе позитивна енергија и очи исполнети со сјај! Одбивам да бидам човек со кутија на глава. Одбивам да живеам во црно бел свет. Одбивам да живеам во страв од иднината само затоа што не можам да ја замислам онака како што ми кажуваат другите. Кога ќе пораснам сакам да бидам среќна. Сега сакам да бидам среќна. И сега сум, баш во овој момент, баш сега, додека го пишувам ова, среќна. Онака едноставно, длабински и вистински. И само јас самата сум причина за тоа.





















пс. се извинувам за грешките ако ги има низ тектов, пишуван е брзо, а ако го препрочитам ќе го избришам.

You Might Also Like

2 comments

  1. Ok 100% kje me sfatish pogreshno. Celiot tekst e odlichen, a najvekje mi se dopadna p.s.-ot, zatoa shto skoro sekogash i jas ako napisham neshto, koga kje go prochitam kje go izbrisham. :)

    ReplyDelete