Следниот чекор.

Tuesday, April 15, 2014

Ова сме јас и она што гледам кога ќе ги затворам очите.

Го знаете она чувство кога долго време немате инспирација за пишување и доаѓа кога најмалку очекувате? Најчесто баш во тој момент кога немате каде да ја запишете мислата, знаејќи дека ако не ја зачувате, засекогаш ја губите исто како да не постоела. Така и јас со блогов. А не дека немам што да му кажам на светов, тоа е невозможно, секогаш имам некоја филозофија за споделување. Нешто се случува периодов, некоја промена. Позитивна, секако. 

Има некои промени кои доаѓаат неочекувано и нагло. Немаат трпение да ја чекаат твојата подготвеност. Доаѓаат во твојот живот и не се чувствуваат како да треба да ги соблечат чевлите пред да влезат, туку влегуваат како да го поседуваат просторот и се што го опкружува. Но, оваа моја промена чекаше во темниот агол, за да бидам спремна. Чекаше да ми дојде памет. Да ги отворам очите. Да ја научам лекцијата и со исправен прст да покаже накај мене и низ смеење да ми каже „Ти реков, ама кој да ме слуша!“. 

Некаде заталкав со паметот и почнав да размислувам за далечни, замислени сценарија каде моите желби и планови се остварени. Тие секако дека се како црни кутии, бидејќи повеќето ни јас не знам да ги дефинирам.Веројатно, тоа е првата грешка. Но, барем го познавам чувството кое го предизвикуваат кога се остваруваат. А јас седам тука со празните рацете во џеб и правам муабет со помудрата во себе:

„Го сакаш тоа, нели?“
„Секако, не ли гледаш колку често размислувам за тоа?“
„Гледам, се измачуваш.. зашто не си го дозволиш, го можеш тоа.“
„Ама што ако не сум доволно добра?“
„Кој го дефинира тоа?“
„Не знам.. јас? другите? моите дома?“
„Зашто е тоа битно?“
„Не знам.. “
„Затоа што не е.“

И потоа ми светна над глава, дека може цел живот да го поминам мислејќи кој што како кажал и кој што мисли за она што јас го правам, зборам, мислам, творам.. или да ја трошам мојата енергија на ослободување на заробените идеи од оваа моја тврда глава. 

На крајот од денот гледам дека клучот на катанецот од моите синџири ми бил на ланчето околу врат. Или ќе те задуши или ќе те ослободи, изборот е твој и само твој.

А следниот чекор? Битно е да го направиш, не е толку битна насоката, ниту пак брзината, само не застанувај во место. Обично, кога ќе застанеме, забораваме да продолжиме да чекориме..

Продолжи да чекориш.

You Might Also Like

0 comments