Малку поинаква инвестиција.

Saturday, August 09, 2014

Пред неколку месеци одлучив посериозно да внимавам како се хранам и рационално да размислувам што купувам од локалниот маркет. Да, здравиот начин на исхрана е поелитен од оној кој е подостапен за нормалниот паричник, но зашто сите инвестираат во материјални добра а забораваат дека вистинското богатство не е на површината, туку малку подлабоко, во здравјето. Бидејќи се е поврзано и испреплетено, не го храниме само телото, туку и нашиот ум.
"Зашто би се замарал како се хранам, еднаш живеам, можеби утре ќе ме нема и сакам да уживам до максимум."

Супер, но не се согласувам, мојот ум не функционира на тој начин.

Еве хипотетички ако навистина ова ми е последен ден, сакам да го искусам со сите сетила. Исто како што навистина добро возило не заслужува просечно гориво, така сметам дека моето тело треба да биде во полна брзина и ефикасност кое само ќе се постигне со правилен начин на исхрана. А тоа не е воопшто тешко да се постигне, а ниту пак пече на рака кога посегнуваш по паричникот. Само се намалуваат лошите навики и непотребните одлуки да се посегне по брза и премногу преработена храна.
Секојдневно доаѓам во контакт со истите луѓе кои го нарачуваат истото од менито како за нив така и за нивните најблиски. Се прашувам, дали вреди да се ризикува здравјето и имунитетот само затоа што немаме време да застанеме во кујна половина саат и да спремиме нешто домашно и вкусно. Која е таа потреба од препржени компири и мрсни сендвичи секој ден, за секој оброк?
Кога застанувам да нарачувам за време на мојата пауза, бидејки немам избор и морам нешто да јадам и јас додека сум десет часа на смена, секогаш го вадам месото и сосовите од сендвичот и додавам мноогу салата. Повкусно ми е кога знам дека барем минимално инвестирам во своето добро живеење во мојата кожа. А кога имам слободно време не го трошам на гледање телевизија туку пуштам музика и застанувам до шпоретот, измислувам свои рецепти за како нешто здраво да биде вкусно и да ми ја даде потребната енергија да го поминам денот во полна брзина.


Мали промени носат големи разлики. Газираниот сок не е поубав од свежото смути и чоколадото не е поубаво од свежото овошје. Се е во нашата глава.


Бидејќи сите јадеме супа и овошје кога малку ќе почувствуваме дека нешто не е во ред со нашиот организам но, малку од нас имаат план и програма како воопшто да не стигнеме до тој стадиум. Ова тело заслужува повеќе  почит од колку што му даваме, бидејќи е тука со мене од почеток до крај, крајот не знаеме кога ќе биде, но до тогаш ќе се потрудам да го чувам и да внимавам за него како да е храм на мојата душа, а јас ќе се чувстувам подобро и ќе уживам во секој момент од ова постоење.
Можеби поинаку размислувам бидејќи премногу често сум гостин во болница, а можеби и ми дошло памет со тек на време. Можеби почнав да го реализирам она што повеќето го оставаат за од понеделник. А можеби само премногу размислувам, како и секогаш. Ама зашто кога можам, тоа да не го направам? За мое добро е, а можеби некој ќе го види тоа од мене, ќе сфати дека воопшто не е тешко и ќе го започне новиот начин на размислување и исхрана. Не затоа што имаме поголем број на килограми, не затоа што имаме болест која што треба да ја победиме, туку затоа што имаме избор подобро да живееме. Затоа.

You Might Also Like

0 comments