Нов лист и омиленото пенкало.

Wednesday, October 15, 2014


Си ветив ќе отворам нова тетратка и со уреден ракопис ќе ги запишувам желбите, идеите и мислите. Решив дека е време да го организирам хаосот во главата кој очигледно сам нема да се среди. Конечно после толку време и работа на себе тој хаос не го сочинуваат деструктивни мисли и иако сеуште преферирам да се облекувам во црно, некако почнав да размислувам во боја.
Сакав тетратка со дебели корици и спирали, да биде тешка за носење но, лесно да се вртат страници за да се почне нов лист. Сакав тетратка со доволно широки линии, затоа што не можам да пишувам во тесен простор. Не можам да пишувам ни ако немам убаво пенкало, бидејќи ракописот ми зависи од пенкалото.. без убав ракопис нема убава слика на напишаното. Џабе ти е поентата на текстот ако не може да се разбере содржината. Барав таква тетратка во секоја книжара, за на крај да ја најдам во третата фиока од бирото, затрупана под непотребните хартии на ненаучен материјал за колоквиум.
Додека трошев време за да ја најдам, таа била тука. Бидејќи секогаш барам изговор и прво барам надвор, не знаејќи што имам внатре. Секогаш правиме така, не сум само јас. Губиме време барајќи го тоа што веќе го имаме, затоа што ни те потребно за да го направиме тоа што го сакаме, за да подоцна сфатиме дека цело време било онаму каде што последно би побарале. Бидејќи не сме свесни што веќе поседуваме, а секогаш ќе бараме повеќе мислејќи дека немаме доволно.
Премногу размислувам а и премногу заборавам, затоа имам потреба да запишам. Како песни на радио, ми доаѓаат идеи за да потраат и да си заминат. Некои знаат да остават траги на мотивација додека други само кратко ќе засветнат во вид на малечка сијаличка над главата и бргу ќе изгубат од тежина. Динамичен, креативен хаос на хиперактивна, агресивно пасивна девојка, заглавена во лавиринтот на сопствената имагинација. Ловам инспирација, а таа доаѓа кога во мене немам ни парче хартија.

Дозволи ми да те задржам кога гориш во најголем оган. Нека пече, само остави ме да те имам барем за момент. Потсети ме како беше да куцам на тастатурава со брзина на светлината или да ја движам четката насекаде низ хартијата. Влези ми внатре и размести ми ги лего коцките. Бидејќи толку многу имам во обвивката на моето постоење што се чувствувам како оние магаренцата што висат на забави и кога ќе ги погодиш со палки насекаде летаат конфети, чоколада и бонбони. Се чувствувам дека ќе прснам на сите страни и ќе бидам насекаде низ просторот.
Иронијата е тоа што го знам проблемот. Знам кој ме кочи и го задушува мојот вентил. Една мала, проклета, заостаната мисла која потекнува од корените на деструктивната кобинација од перфекционизам, неверба во себе и страв од разочарување. Што ако она што е надвор не е доволно добро како она што се крие внатре? Бидејќи секогаш, ама баш секогаш она што го замисувам е милион пати подобро од она што навистина се случува.
Ловам кохерентни мисли ко да ловам диви пеперутки. Тешко, скоро невозможно. Скокам од една тема на друга ко да сум во оние замоците на воздух за деца. Но, барем пишувам. Барем нешто дозволувам да излезе на површина. Сигурно нема да го препрочитам, доволно бришев и ги преанализирав пресудите на потенцијалните читатели на овие премногу искрени мисли и внатрешни разговори. Доволно размислував што ќе речат другите, сега е време за она што ќе го кажам јас.


You Might Also Like

1 comments

  1. Се препознав во многу реченици. Многу често се чувствувам токму како што пишуваш - си ги одбрала вистинските зборови.
    Секоја чест! Не престанувај да пишуваш ;)

    ReplyDelete