Денес е денот.

Sunday, November 30, 2014

Почни. Почни сега. Не одолговлекувај повеќе. Времето поминува и нема да те чека, знаеш дека времето не чека никој. Собери храброст и почни сега. Создади план и започни со реализација на истиот. Започни да го живееш сонот. Само почни и другото ќе си дојде само по себе. Нема плод без засадено семе. Почвата не секогаш е мека и разработена. Но, низ пукнатини се пробиваш на површината.

Понекогаш забораваме што посакуваме. Она што сме биле вчера, денес веќе не сме. Или сме буквално истите, зависи. Понекогаш имаме се освен мотивација и инспирација. Во такви моменти секогаш мора да имаме потсетник. Листа на желби и замисли. Тетратка со празни листови. Кутија со успеси. Било што што може да не подигне и исправи.

Почетокот е тежок, но она што следува е полесно. Верувај ми, знам како е. Сум била и горе и доле, и ливо и десно, никаде и насекаде. Не размислувај што ќе биде ако биде. Ќе биде. Мора да биде. Ако не сега, дај си време. Ќе дојде самото по себе кога најмалку очекуваш. Ако не дојде тоа што го посакуваш, има шанси дека ќе дојде нешто подобро, или во најдобар случај она што навистина ти треба. Затоа не се плаши. Нема простор за страв од непознатото. Стравот претвори го во возбуда.

Луѓето мислат дека се бесконечни, мислат дека го имаат целото време во светот. Живеат во заблуда дека утре ќе имаат време за она што треба да го завршат денес. Се надеваат дека утре е подобро време од денес. Денес не се спремни, утре ќе бидат. Утре ќе имаат подобри услови. Утре ќе имаат поцврсти ставови. Утре ќе можат да остварат сонови.

Реалноста е дека се што имаме е она што го имаме сега. Утре може ќе не нема. Условите се оние кои ги создаваме ние. Ако чекаме од други, нема да дочекаме никогаш. Само ние сме спремни да го реализираме она што сме го замислиле. Целта е онаму каде што ние сме ја поставиле. Други можат да помогнат, да споделат и да пополнат. Се друго останува во наши раце.

Ова е знакот кој го чекаше. Почни.

You Might Also Like

0 comments