Перфекционизам и ренесанса.

Saturday, November 15, 2014

Ќе умрам од перфекционизам. Ќе ме задуши притисокот што сама си го нанесувам посакувајќи да бидам најдобрата верзија од онаа замисла што ја имам за себе. Сега ќе си речеш дека тоа е добро, дека така треба, дека тоа е вистинскиот начин до сопственото креирање на квалитетна личност. Но, знаете што? Јас повеќе не се согласувам со тоа. Сакам да бидам поспонтана, поопуштена и побезгрижна! Сакам да не се плашам од грешките и разочарувањата, туку баш напротив, со храброст да учам од истите.

Се сеќавам на времето кога цртав по ѕидови и пишував текстови по тетратки и споменари. Бев слободна душа која не бара дозвола за изразување. Тогаш немавме социјални мрежи и не го објавувавме секој наш физички, психички и спиритуален прогрес на инстаграм, твитер или фејсбук. Немавме потреба да глумиме лудило. Немавме на кого да се докажуваме освен на самите нас. Сега се чувствувам ко да дозволувам туѓото мислење да го обликува моето. Страв од она што ќе кажат другите, дали ќе им се допадне, дали ќе се согласат и дали ќе ме поддржат. Желба за прифатеност од општеството. Внатрешен дискомфорт и умствена бунтовност.

Мантра на денот: Во ред е да имам несовршености. Во ред е да чувствувам премногу и да ја преанализирам секоја можна ситуација. Во ред е да се замарам и да не се замарам. Се е во ред. Ако не е во овој момент, ќе биде во наредниот. Се додека го правам она што природно ми доаѓа, а не да се пренатрупувам со леери од парчиња лажни облици. Тоа сум јас. Јас сум таа која сум. И пред да барам да ме прифатат каква и да сум, прво треба јас со себе да склучам мировен договор.


You Might Also Like

0 comments