Ти раскинувам.

Sunday, November 16, 2014


Го знаете оној муабет кога се поставува прашањето „дали сакаш да си ми девојка/момче?“ Јас никогаш не прифатив да размислувам сериозно за некој доколку не падне муабет на таа тема, не заради друго, туку затоа што секогаш сакав да знам на што сум пред да се впуштам во нешто непредвидливо. Јас, девојката што мора се да држи под контрола, можеше да ги држи и чувствата во граници на минимум се додека не се покаже и докаже дека вреди да се пуштат на слобода.

Како и да е, во последно време размислувам зашто не постои таков сериозен муабет со другарки и другари. "Слушај, те сакам како другарка ама мислам дека можеме да бидеме и најдобри другарки." И како што размислува еден моногамист како што сум јас, ако сме веќе најдобри другарки, сакам само јас да сум ти најдобра, бидејќи не верувам во повеќе најдобри другарки. Верувам во една најдобра, пар или малку повеќе добри другарки и се останато познајнички и партнерки за кафе во досадни денови. Така да кога од еднаш ќе престане некој да не те гледа како што ти го гледаш него, а претходно сте биле доволно блиски, зашто едноставно не ти раскине, а не да те измачува да се трудиш и да полеваш некој со внимание што очигледно никогаш нема да расцвета на твојата светлина. Кажи ми, ќе сфатам. "Алекк, многу убави моменти имавме заедно, но јас повеќе не те гледам како некоја што можам да и се обратам, го раскинувам нашето другарство."

Многу ме иритира кога јас сум таа која постојано прва го дига телефонот, а оној кој е на другата страна од слушалката ретко кога го допира зелениот знак на тач скринот. И кога ќе те прашам зашто не ми се јави да речеш дека не си видела кога гледам дека си активна на сите социјални мрежи, од твојот телефон. Плус, кој во денешно време не го гледа/слуша телефонот или не го гледа барем неколку пати во кратки интервали. Барем не ме лажи, кажи ми дека не сакаш да те замарам со прашања од типот "Како си? Што има ново?" кои патем се онака од кеиф, без задни намери.

Иако најчесто сите ја посветуваат болката и разочарувањето од љубовните врски, јас ја посветувам на човечките. Кога сум дала многу, а сум добила многу малку за возврат. Од оние кои ветиле дека ќе ми го чуваат грбот, а само стоеле таму за да зборат позади него. За оние кои имаат проблеми со комуникација и не сакаат да ги решат туку се повлекуваат во својата школка и не дозволуваат никој да им помогне да излезат од неа. Оние кои и покрај тоа што рекле мал милио пати извини, пак ја прават истата грешка која повредува. Оние кои некогаш биле едни од оние кои се броеле на една дланка, а сега ги разминуваме и не се ни поздравуваме со нив затоа што се премногу зафатени со одбегнување на погледи.

Не боли ако прв го почнеш муабетот, ниту пак прв да го завршиш. Многу е поедноставен овој свет ако едноставно се почитуваме себе и времето, мислењето и емоциите на другите околу нас. Но, како и да е, луѓето постојано доаѓаат и заминуваат од нашите животи. Понекогаш колку и да е тешко треба да дозовлиме да не напуштат и нивното место да биде заземено од некој што навистина го заслужува тоа, некој што не се плаши од комуникација и блискост со друго човечко суштество. Нема прав и крив, туку станува збор за некакви подлабоки врски кои или се цврсти или се кршат.

Овој пат не ја дигам прва слушалката. Ако не ти текне на мене и јас ќе те заборавам. Јас тебе ти раскинувам. Јас го раскинувам нашето другарство. Најди си друг/а да му ја цицаш енергијата, јас сум недостапна за врски во еден правец исполнети со нееднаквост и себичност. Секоја девојка има потреба од свои другарки ама јас поудобно се чувствувам кога немам некој околу мене што ме гледа со нечист поглед зад кој се крие сивило од мисли. Ми требаше долго време да го сфатам ова. Извини, продолжувам понатаму без тебе и таквите ко тебе. А ако ова те повредува, тогаш замисли што ми направија мене сите шанси кои ти ги дадов додека беше зафатена со работи кои беа на повисоко ниво на листата на приоритети.

Ако некој не сака да се развива со тебе, развивај се ти самостојно и остави ги позади себе оние кои не придонесуваат во твојот напредок.

Благодарам на вниманието, имај прекрасен ден.

You Might Also Like

0 comments