Гушни ме и се ќе ми помине.

Saturday, November 22, 2014

Во последно време се повеќе гледам пропаѓање на врски. Некои од нив биле заради несогласување на карактери, некои затоа што и последната искра згаснала со капката што ја прелила чашата. Но, она што најмногу ме прави тажна е кога љубовта не е доволна и врската тоне во длабочина. Тоне толку длабоко што мора да ја пуштиме за да испливаве на површина и да дојдеме до воздух.


Во овој свет што полека се смрзнува и луѓето се повеќе се одалечуваат едни од други, да најдеш топлина во друго човечко суштество е навистина тешко. Но, она што е потешко е да ги прескокнувате пречките во врската, заедно. Секако дека покрај ружите, чоколадата и сите убави моменти ќе има и проблеми, кавги и несогласувања кои ќе ве запрашаат дали ова е навистина како треба да изгледа една квалитетна врска. Она што научив до сега е дека цвртината на поврзаноста на двата партнери се челичи со решавање и поминување на тие препреки. Заедно, држејќи се за рака. 

Ме гуши кога помислувам дека патиштата можат да се разделат. Како е возможно тоа кога еден на друг си значите повеќе од се на светов. Како е возможно тоа кога ротирате еден околу друг. Но, што понатаму кога компромисот не е доволен? Создаваш уште компромиси. Се додека вреди. Бидејќи на крајот од денот срцето сепак победува. 

Знам како е кога е најубаво на цел свет што не може да се опише со зборови. Знам како е и кога боли, пече и убива одвнатре што посакуваш да не постоиш повеќе. Секое горе има и свое доле. Најважно е да не заборавиме дека кога ќе паднеме треба да собереме храброст да станеме, да ја избришеме прашината од нас и да продолжиме понатаму. Дај си време, но не премногу. Остави простор да се оладиш но, не и да смрзнеш.

Станавме слаби. Емотивно нестабилни честички кои хаотично се движат низ просторот. Не плаши повреда, се срамиме од солзи и бегаме од обврски. Се откажуваме кога станува тешко очекувајќи дека се во животот е лесно и едноставно. Животот не е кучка. Такви сме станати ние. Сме заборавиле да се почитуваме, да се ислушаме, да се зближуваме. Го бараме најлесниот и најбрзиот пат затоа што мислиме дека тоа е правилниот. 

И на крајот на денот, пред да заспиеме, на гради лежи тежина. Од не искажани зборови и не докажани чувства. Ослободете ги. Разговорот не штети, напротив, лекува. Чувајте го тоа нешто што ве прави да чувствувате топлина која тече низ вени. Држете се до она што не прави луѓе. Одберете љубов. Тоа е најголемото богатство што можеме да го имаме додека сме живи.

Не се откажувај. Заврти се и прегрни ме. Посилни сме од ова.



You Might Also Like

0 comments