Погледни ме.

Friday, November 28, 2014

Можам да прочитам илјада книги, да напишам мал милион текстови и да извежбам стотици говори на сите можни теми, но она што никогаш нема да успеам да го направам е да застанам пред група на луѓе и да го кажам своето мислење, јасно и гласно. Не знам дали станува збор за отсутство на дарба или на храброст, едноставно многу ми е полесно да го запишам она што го мислам отколку да го изговорам.

Сите сме силни позади цврстината на екранот. Користиме полн вокабулар и успешно го насочуваме кон целта. Можеби затоа во последно време постои толку изразен говор на омраза преку интернет, сите сме станале јаки на пишани зборови. Успешно се криеме од контакт во четири очи и вербална комуникација. Навикнати сме да се потпреме на удобната тастатура што многу повеќе ни одговара да пишеме порака отколку да дигнеме слушалка и да изустиме неколку зборови.

Знам дека е страшно што во реалноста нема backspace копче кое може да ги избрише зборовите за кои сме се предомислиле баш во моментот пред да кликнеме enter. Знам дека е тешко да научиш од свое искуство и без помош на гугл. Но, со преголемо количество на технологија, забораваме дека сме луѓе со основна потреба за комуникација. Сме станале роботи без спонтаност и интуиција.

Затоа нареден пат кога ќе седнете на кафе или вечера, ставете го телефонот на silent и свртете го со екранот кон масата. Нема да пропуштите ниту една нотификација што е поважна од вистинска човечка конекција. Време е да не се преоптеретуваме со филтри и да се опуштиме додека уживаме во моментот. Она што е сега во овој момент, нема да чека да сфатите дека тоа е се што ви е потребно. Искрен разговор и поглед во очи. Тоа е она што сите треба да почнеме да го вежбаме и практикуваме се почесто.

You Might Also Like

0 comments