Една и единствена.

Thursday, December 04, 2014

Ми фалиш, иако те сонувам секоја вечер, толку реално што понекогаш не сакам да се разбудам. А кога ти велам да ме земеш со тебе ми велиш дека сеуште не е дојдено моето време. Ми фали да го гледам твоето лице иако носам твоја слика со мене каде и да одам. Твојот поглед, понекогаш уморен и далечен, но секогаш полн со живот и љубов. Ми фали да те гледам сабајле како се припремаш за работа или барем да ти го слушам чекорот кога излегуваш низ врата.

Пијам кафе од твојата шоља, најомилена ми е. И плакарот уште ми мириса на тебе, ти ја чувам сета облека, сите ташни и козметика. Обожавам ружи, и тебе ти беа омилени цвеќиња, се сеќавам кога цела тераса ни беше обиколена со нив. Се сеќавам колку ме нервираше кога ќе ме замолеше да ги наводенам сите цвеќиња кога ти не можеше, беше премногу уморна. Сега со задоволство би го правела тоа, за тебе. Понекогаш си купувам буќет за во соба, убаво да ми замириса. Така те чувствувам насекде околу мене, барем за кратко, тогаш кога сум тажна или осамена.

Уште го немам избришено твојот број од именик, како потсвесно да посакувам да ми се јавиш. И да го избришам џабе, засекогаш ќе го паметам. Има ли мрежа таму горе?

Чудно е како со секој нареден ден се повеќе заличувам на тебе. Во очите, во рацете, во начинот на живот. Велат времето лечи се, но не може да надополни празен простор кој припаѓал на личност која заминала.. Нема да бидам тажна, тоа нема да те врати. Она што можам да го направам е да дадам се од себе за кога ќе се сретнеме повторно да речеш дека си горда на својата ќерка.

Фала ти за се, за љубовта, за советите, за трпението, за прегратките.. За издржливоста, за снаодливоста, за лојалноста, за дадениот пример како треба да изгледа, да се однесува и да се пробива една жена во овој свет на мажи. За примерот како треба да изгледа една мајка, сестра, ќерка и сопруга. Me инспирираш, ми даваш енергија да станам и да продолжам.

Ти благодарам за се. Те сакам. Тогаш, сега и засекогаш. Една и единствена, мајка.


21.08.1955 - 04.12.2011  ∞ 

You Might Also Like

1 comments