Ослободи се и уживај.

Tuesday, March 03, 2015

Некои преферираат кафе, да ги разбуди, да ги размрда и да им даде енергија. Други пак обожаваат чај, неговите различни вкусови, прекрасниот мирис, умерената топлина. Со шеќер или мед, со млеко или лимон, и двата типа на луѓе се препуштаат на уживањето со нивниот еликсир кој го припремаат и конзумираат со уживање. Тоа за нив претставува почеток, пауза и совршен крај на денот. 


Некои преферираат следење на еден куп различни серии, сами или со друштво, со пуканки во скут и чаша-две сок. Други пак обожаваат добра книга чија содржина не дозволува да биде затворена се додека не биде прочитана и последната страница. Драма или комедија, хорор или романтика, и двата типа имаат одреден начин на кој го исполнуваат слободното време, за момент се телепортираат во сосема нов и поразличен свет каде приказната раскажувана ги води низ нови авантури и им поставува умствени предизвици.

Некои преферираат рок музика, алтернативна или комерцијална, во живо пред сцена или на цеде во кола, им се допаѓа звукот на гитарата и ритамот на тапани во позадината. Други пак, сакаат музика која е на друг начин создадена, можеби е модерна, можеби е народна, можеби е забавна, можеби е депресивна или нападна. Како и да е, секоја има своја публика и подиум каде што предизвикува да биде почувствувана. Да те раздвижи, да те ослободи, да те ресположи.

Различни бои, различни димензии. Различни луѓе, различни желби и претензии.

Некои сакаат штикли, некои сакаат старки. 
Некои сакаат фустани, некои удобни фармерки. 
Некои сакаат мачиња, некои сакаат кучиња.
Некои сакаат чоколадо, некои ванила.
Некои сакаат мажи, некои жени.
Некои сакаат едно нешто, некои сакаат од се по нешто.

Сите сме различни, но тоа е добро. Да имаш поинакво мислење од соговорникот е дозволено. Да го делите истото е прекрасно. Да се бориш за своето е најубаво. Да се облекуваш поразлично од оние околу тебе е забавно, но и да сакаш да следиш мода како другите е исто така во ред. Да сакаш повеќе работи, или да сакаш само една. Да бидеш повеќе, да знаеш повеќе, да сакаш повеќе, но само по своја иницијатива. За се има време, за секој има простор, па и за тебе има место. Без разлика каков и да си и што и да правиш, битно да си свој, искрен и добар како спрема себе, така и спрема другите, а особено кон оние кои се поинакви од тебе.

Јас сум ваква, ти си таков. Различни сме но, сепак сме исти. Сите сме луѓе. Сите имаме падови и подеми. Сите имаме мисли, сеќавања, очекувања и емоции. Според мене и како јас се водам во животов е со едноставното прашање „Што мене ме прави среќна“ и после тоа следува уште едно „Дали со ова би повредила некој“. Затоа што покрај тоа што треба да знаеме што сакаме и какво е нашето мислење и да се водиме кон тоа, не треба да сме себични и да не дозволуваме и другите да чекорат кон истата желба, желба за среќа и со мисла кои си ја имаат зацртано и прифатено како своја. Слобода на умот и слобода на срцето. Ослободување од ограничување и општо прифаќање на различноста. Не е страшно, ниту тешко. Прекрасно е.

Виножитото е убаво затоа што има многу бои. Различните бои подредени во некој посебен ред, ја создаваат неговата специфичност. Замисли да беше само црно и бело или пак уште полошо, еднобојно. Никој немаше да се радува на него и немаше да претставува среќа која доаѓа после дождот. Немаше да ја разубавува сликата над сивиот и тмурен град.

Ослободи се и уживај. Тргни го стравот на страна, не ти е до толку потребен.  Животов е премногу краток. Но е тука само за да биде твој. Тој припаѓа само на тебе. За твоите желби, за твоите цели, за твоите соништа. И само ти можеш да го направиш прекрасен, онаков каков што само на тебе ќе ти биде совршен.

Бидете фини едни спрема други, малку топлина ќе му дојде добро на овој студен и суров свет.


You Might Also Like

0 comments