Кога Хаштаг Љубов е тажна затоа што реалноста е сурова. (стаусот на фејсбук што прерасна во блог пост)

Tuesday, March 17, 2015

Образванието ни пропаѓа, здравството ни пропаѓа, државниот систем ни пропаѓа, НО..

Let them eat cake.

Повели бесплатен таблет, се надевам нема глава да дигнеш од него, за да не не гледаш што продолжуваме да правиме околу тебе иако сме ветиле на промена, ќе си продолжиме по нашето.

Повели куп грда „архитектура“, непотребни споменици, лажни фасади и мермерни плоштади. Тебе нека ти биде убаво на очите, нас да ни биде полно во џебовите. Земи од таму, земи од ваму, нема да приметиш. Слеп си, а носиш розови наочари. Без диоптер и замаглени.

Немаме паркови и зеленило околку згради, децата остануваат дома, бидејќи на местото на игралиштето има нова станбен објект. Ма ќе смениме и ГУП и ДУП, не знае прост народ што е тоа. П+2 ќе стане П+6 затоа што ми се може. Јас сум законот бе. Дали ќе биде густо населено, дали ќе прави сенка, дали ќе има дополнителни проблеми.. не е тоа мое да знам. Јас сум тој со наместени карти во раце. Full house. Абе како? Епа така, додека ти погледна на страна, јас си ги наредив по желба, а сега немаш докази. А и да имаш, кој ќе ти верува? Кој ќе те поддржи? Кој ќе те сослуша? Никој. Затоа Јас победив.

Една голема река имаме, и таа ќе ја промениме. Нека пловат бродови, нека висат мостови. Ќе ја загадиме, ќе ја уништиме, ќе ја заробиме. Тоа што има подземни води кои ги потопуваат подрумите на сите тие нови згради израснати непосредно до реката, тоа никој не мора да го знае. А новиве генерации не знаат што е земјотрес, па ако се случи нешто трауматично, такво ко порано, први ќе се срушат тие, таму тлото е најчувствително, па ќе се правиме наудрени. Природата враќа, а кога зема, зема дупло. Запомнете го тоа.

Остави да светка. Нека ги заслепи вештачката светлина. Калето во розева боја. Куполи во црвено жолто светло. Бели високи столбови од стиропор. Измешана историја на уметност. Врби кои плачат зашто се сведоци на нашето време. Архитекти се превртуваат во гроб. Студенти кои учат од големи мајстори, сега ќе учат од богати себични инвеститори. Трагедија маскирана во комедија. Битно да се гради. А тоа што навечер цел центар по улиците е темница, мораме некаде да штедиме. Немаме веќе од каде да ги крадеме.

Ако сакаш подобра плата, земи си партиска книшка, вработи се како нечија марионета. Биди робот на врховниот судија кој мисли дека сите конци ги држи во рака. Дете со трауматизирано минато па лечи комплеси на други луѓе. Нема друго решение зашто постојат такви ко нив. Болест. Некој нека ги дијагностицира. Опасно станува. Ножици и конецот ќе го снема. Ама кој да исече, кога некој друг на место конец ти ветува синџир.

Ви влегоа дома, ви рекоа со кој колку деца да имате. Кога и каде да се земете, колку пари на свадба да потрошите. Жените се само родилки, кој би ги вработил со сите тие закони. Биди му слуга, без право на избор што ќе ти се случува во твојата матка. Трето дете роди и на државава, што не може да ти го поддржи ни првото. Битно раѓај, да се зголеми бројот на овци. Да има повеќе волна, да се стоплат кога ќе дојде зима.

Како знаеш и умееш, ти мораш да преживееш. Си завршил факултет и си сега мастер во твоето поле, среќен високо ја држиш дипломата во раце. А во реалноста.. нема работа. Кој би те вработил ако немаш врски? Некако најди нешто, некаде, сосема различно од тоа што си го студирал, битно стани минималец да те спаси од гладување. Работи по цел ден, работи до касно навечер. Труди се, давај се од себе, докажувај се. Подели си ги паричките за преживување. Не знаеш што ќе те дочека утре.

Образованието треба да те ограничи до тој степен што повеќе нема да размислуваш со своја глава. Подобро да бидеш туп и глуп, затоа што ако ја употребиш главата, ќе ги прочиташ преку редови. Тие истите што немаат завршено факултет, тие ќе ти кажуваат како се полага.

Во средно треба да се пронајдеш, да се одлучиш кој пат понатака ќе го проодиш. Да видиш што ти оди од рака, за што ти треба повеќе мака, за што си најдобар. А не да се движам помеѓу две паралелни линии. Доволно е што ги трпиме честите промени во системот, на кој како ќе му трекне, ама кога се стегаат премногу жиците на гитарата, вратот пука. Изгледа некој не учел основи на физика.

Седнале си играат држава, но на место картата од монопол, карта од Македонија. Можеби ќе те уценат, можеби ќе те снема, можеби ќе те соберат, нивните правила да ти ги докажат. Сите знаат дека само треба да ти спомнат фамилија. И како питомо куче ќе си ја собереш опашката и ќе се вратиш во куќичката. Јади си леб и јогурт иако ти ветиле полна трпеза. И биди задоволен. Затоа што ако лаеш и ги разбудиш комшиите, ќе спиеш надвор и ќе останеш гладен.

До кога вака само ме интересира.
Ќути си, трпи си. Така не научиле. Така ќе го играме орото.
Очигледно божаваме да бидеме робови.

Бидејќи да си храбар значи да си глуп, а паметните веќе си заминаа од државава.

You Might Also Like

0 comments