Касни, порасни.

Wednesday, April 01, 2015

Има неколку показатели кои укажуваат дали и колку си пораснал, кои не се поврзани со бројките на личната карта. Поврзани се со животното искуство, интересот кон она што не опкружува и интензитетот на потрошена енергија. Желба за знаење, длабока љубопитност, но и искрена поврзаност. Конекција и комуникација помеѓу себе со себе, себе со другите и себе со нешто многу поголемо од самите нас.

Повеќе некако не те интересира што другите мислат за тебе, ниту пак ти го трошиш времето на анализирање и коментирање туѓи животни одлуки. Те интересира како мислиш ти со своја глава, сакаш да ги шириш хоризонтите и да ги апсорбираш информациите. Сфаќаш дека самиот си свој најдобар пријател и непријател, а оној кој го одлучува тоа е текот на твоите мисли. Нивната тежина, нивната динамика, нивната целина.

Немаш трпение за нецелосни пријателства и луѓе кои црпат позитивна енергија. Умееш подобро да го прочиташ соговорникот и да ги процениш неговите намери. Се дистанцираш од оние кои сметаш дека непотребно го зафаќаат просторот на твојот распоред за настаните во текот на денот. Посветуваш повеќе внимание на оние ретките кои навистина вредат да бидат во твојот мал, но цврст круг на пријатели, искрено им веруваш и навистина ги почитуваш.

Продуктивност, наместо прокрастинација. Не ти се троши време на нешто од кое немаш корист. Имаш желба да создадеш нешто свое, да бидеш посветен и поодговорен. Добиваш желба да си докажеш на себе дека си способен да направиш нешто и да бидеш горд на себе за постигнатата цел. Доволно беше седење во едно место и чекање друг да ти го сервира посакуваното, сега си ти на ред да го заслужиш, освоиш и задржиш она што си го замислил.

Прифаќаш одговорност за своите погрешни постапки. Знаеш да кажеш извини, можеби не толку со зборови, но сигурно со искрени дела. Учиш од своите грешки, а грешиме се додека сме живи, така да ученици ќе бидеме цел живот. Не сме во минус се додека не ги повторување грешките. Доколку продолжуваме да ги повторуваме, тогаш треба да ја смениме методата на учење, веројатно нешто не е во ред со неа.

Сакаш да помогнеш, без разлика дали се работи за изгубен странец кој те сретнал на улица или за некој колега на кој му треба твој совет и поддршка. Не го правиш тоа за да се докажеш пред другиот, туку за да се докажеш пред себе. Ти си авторот зад својата креација, а на крајот на денот, знаеш дека сакаш да заспиеш со мирна глава, полна душа и здраво срце. Тие не се добиваат за ден, за нив е потребна работа, посветеност, #љубов и енергија.

Не се плашиш повеќе, а и кога се плашиш имаш храброст да се соочиш со своите стравови. Стравот е оној кој не изолира, не дистанцира и не запира но, знаеме дека стравот е оној кој може најмногу да не издигне доколку го надминеме. Нема запирање и враќање назад, само напред со нови сили и силни мисли. Но, знаеш кога е доста, а кога е потребно повеќе. И знаеш кога треба да издржиш, кога да престанеш, а кога треба да продолжиш.

Ќе има и горе и доле, но најважно е како да издржиш и научиш додека си на дното, да се издигнеш и да дојдеш до средина, а и како а уживаш и да почитуваш додека си на врвот. И да запомниш дека никогаш нема да си на едно место, во една точка. И треба да бидеш спремен на се. Во секое време, за секоја ситуација. Уживај во процесот. Бидејќи нели, животот не е последната дестинација, туку се што се наоѓа помеѓу почетокот и крајот.


You Might Also Like

0 comments