Емотивен коктел, долга немирна коса и венче од цвеќиња.

Wednesday, April 22, 2015

Не сум тип на човек што прави нешто без #љубов, со некаква корист или пак без целосна посветеност. Не можеш со мене на сила. Притисокот ме блокира. Ако изгубам интерес, не се форсирам, затоа многу работи ги оставам недовршени. Ама ако во нешто сум заљубена, целосно се препуштам, давам се од себе и производот има дел од мојата душа.

Немам трпение, затоа многу често се нервирам без причина. Наивна, но со силна интуиција. Или се замарам премногу, или сум максимално индиферентна, немам златна средина. Нетрпелива, а од друга страна можам да чекам со денови и недели, можеби затоа што потсвесно одолговлекувам и не сум психички подготвена да се соочам со нештото.

Ептен сум буквалиста и се си земам при срце. Или молчам и не можеш да извлечеш ништо од мене, или не можам да престанам да зборувам и да дојдеш на ред да кажеш било што. Дипломиран аналитичар на ситуации. Перфекционист сум и не си дозволувам да правам грешки, затоа некои идеи ми се сеуште во план на подготовка иако ги имам сите елементи за да започнам со реализација. Се плашам дека не сум доволно добра, а не сум ни пробала да си докажам дека можам да бидам и подобра од просечна.

Овој текст нема поента, но има причина. Нема смисла, но ми е потребен како исповед. Да си кажам што ми лежи на душава и да си помогнам во некој ред да се доведам. Не знам дали некој ме чита или си пишувам сама за себе. Од една страна не ми е битно, од друга сакам да се знае моето мислење. Сакам да помогнам, нечие расположение да подобрам, да охрабрам или пак само време да пополнам и досада да уништам.

Сакам да ме има. Кога ме има, ме има премногу. Кога ме нема, не можеш никаде да ме најдеш. Затоа што јас функционирам на доза мотивација. Јас сум емотивен коктел. Не очекувај од мене да пишувам затоа што морам, туку ако нешто напишам, тоа е затоа што не сум можела да го скротам текот на мисливе. Можеби утре се ова ќе се смени, а можеби и ќе останам иста, не се знае. Се знае само тоа што е сега, а сега е вака. Во овој свет на измешани чувства и бледи идеали, стојам јас со некој чуден поглед на реалноста. Бело знаме и венче од цвеќиња. Се чувствувам како сум поврзана со најситните елементи и како да ги гушкам сите клетки кои ме прават тоа што сум.

Кога те гледам, ти барам простап до просторот позади очите, не ме интересира твојата надворешност. Сакам да знам како чука твоето срце и дали сме на иста фрекфенција. Можеби се носам цела во црно но, верувам дека внатрешноста ми е полна со флора и фауна. Премногу се поврзувам, а кога ќе си ветам дека ќе се дистанцирам и затворам, ме боли, ме полудува. Сакам да бидам како другите, да не се борам, да се вклопам, да бидам нормална. Но, не можам, знам затоа што пробав, не само еднаш, неколку пати. Се чувствував ко сама да се држам околу грло и да се стегам на гради. Не можев да дишам. Кога си дадов дозвола да живеам како што јас мислам дека е најдобро, слободно да чувствувам како што мислам дека е нормално, а не како другите очекуваат од мене, се ослободив од себе. 

Се што ми фали е ова да не се смета за детинесто, туку за едноставност, искреност, вистинска #љубов. Љубов кон себе, кон него, кон тебе, кон оние кои ги имаме дома, кон работата која треба да не исполнува, кон пријателите и се она што не опкружува. А без желба за агресивна доминантност и без намерно нанесување болка. Без манипулација за да се стигне до својата дестинација. Кога ќе видиш, тоа се вистинските епитети на едно мало дете. Ако тоа ме прави дете, не сакам да пораснам.

Овој свет и онака е премногу суров, ќе останам мала за да ве убедувам во големина, да ве убедувам дека сеуште некаде длабоко во нас сме она што бевме пред да се адаптираме, да станеме војници кои се борат да преживеат, наместо да уживаат и да живеат.

Спонтано. Среќно. Слободно.

You Might Also Like

0 comments