Драга јас од иднината,

Tuesday, October 20, 2015


Се надевам дека си среќна. Се надевам дека ги остваруваш соништата и ги реализираш плановите кои ги зацртав за иднината. Се надевам дека си личноста која се трудев да ја создадам. Дали ќе останеш тука? Дали ќе продолжиш вака? Дали ќе работиш тоа за кое што учиш или животот ќе те однесе по сосема други патишта?

Се надевам дека си здрава. Се надевам немаш веќе потреба од чести посети по болници и најден е лекот како и на твојата така и на другите неизлечливи и ретки болести. Се надевам сеуште се храниш онака како што сметаш дека е најдобро. Се надевам дека повеќе не те исмеваат туку од тебе бараат совет и те прашуваат за решението на одреден проблем.

Драга јас од иднината, се надевам животот е добар со тебе. Се надевам не си станала како сите други веднаш штом ќе пораснат. Јас сеуште сметам дека сум дете. Возрасно дете. Затоа што се радувам на мали работи, на искрени насмевки и долги прегратки. Затоа се надевам дека животот не те огорчил. Не те направил суров реалист кој не верува во едноставноста на постоењето. Се надевам дека уште се смешкаш дедека пешачиш по улици кога ќе се потсетиш дека животот навистина е уникатен и убав.

Се надевам се сеќаваш дека вети дека нема да се промениш и да почнеш да живееш со помислата дека -повеќе- значи полесно и подобро. Биди задоволна со доволно. Во средината лежи удобноста, но во екстремите ќе се изгубиш себе, само за да се пронајдеш повторно. Се надевам дека не се плашиш да пробаш нови работи. Се надевам дека не заборави дека со малку можеш да си задоволна. Така ќе бидеш пресреќна кога ќе добиеш повеќе. Труди се но, секогаш биди тоа што си, затоа што животот е шремногу краток за глумење.

Се надевам не се предаде на сите оние кои веруваат дека твоето место е во канцеларија со фиксно работно време и монотонија во секојдневието затоа што така сметаат дека е единствениот начин за функционирање во ова општество. Се надевам дека докажа дека можеш да бидеш многу, да чекориш по различни полиња а не само да одбереш една единствена професија.

Се надевам не забораваш да посветиш време и енергија на семејството, пријателите, роднините. Еден ден ќе ги нема. Еден ден и ќе им се придружиш. Затоа прости и заборави на негативните, а зачувај ги позитивните вибрации. Создавај спомени и сподели ги со востинските личности. Тоа е вистинското и единственото важно богатство. Да си опкружен со прекрасни луѓе богати со ум, срце и душа кои те разбираат и поддржуваат, и секако безусловно те сакаат.

Се надевам дека уште леташ во облаци и веруваш дека сеуште постојат добри и праведни луѓе. Те молам не станувај како оние кои газат се пред себе само за да дојдат до посакуваното. Тебе не те возбудува материјалното. Се надевам дека не заборави да ги правиш работите кои те исполнуваат, кои те тераат да рипнеш од кревет и да се фатиш за работа, само затоа што ти така сакаш. Се надевам не работиш за да заработиш туку најде работа која те прави да го уживаш секој работен ден. Немаш потреба од форсирање, докажи дека се може само ако се сака. Па и да не е реално, докажи го невозможното.

Мило ми е ако сеуште љубиш со цело срце иако сите ти велат дека љубовта е за наивни, емотивни сонувачи. Остани таква. Само таква лесно заспиваш и убаво спиеш. А сонот е најбитен. Само не заборавај да се разбудиш, да создадеш план и да го оствариш.

Се надевам дека патуваш често. Се надевам дека ги посетуваш сите оние далечни места кои сакаш да ги доживееш на своја кожа. Се надевам дека не престана да бидеш спонтана и авантуристична, без разлика каде си во животот. Се надевам дека сеуште сакаш да излезеш и да се забавуваш, да се дружиш и нови луѓе да запознаваш. Но, сепак, се надевам дека сеуште сакаш и знаеш како да уживаш во ретките моменти кога си сама. Тие се бесценети.

Ако ти е тешко, запомни дека што и да е ќе помине. Ти си силна и можеш многу повеќе од колку што мислиш дека можеш. Не се предавај. Можеби не знаат другите, но јас сум сигурна дека ќе успееш. Продолжи да се движиш. Не е битно колку брзо, се додека продолжуваш да чекориш.

Се надевам дека си среќна. Тоа е најбитно. На крајот на денот тоа е основата за убав и исполнет живот. Ако не си, потсети се да го прочиташ ова. Нека ти биде потсетник дека во ред е да се има лоши денови, само така ќе ги почитуваш добрите и убави. Само не се откажувај. Биди силна. Биди она што сакав јас да бидеш, само многу подобра. Посилна. Посамостојна.

И незаборавај да живееш во моментот, овој кој е сега и тука и можеби никогаш нема да се повтори. Животот не е утре, не е викендот што доаѓа и сигурно не е другиот месец или наредната година. Животот е ова сега и се што е тука. Уживај максимално во секој момент, може да ти е последен. Направи го она што го сакаш, кажи го она што го мислиш и предади се на убавите чувства. Другото нека остане во позадина. И онака е небитно.

Се гледаме во иднина,
Твоето Јас од пред некоја година.


You Might Also Like

0 comments