Носталгија.

Thursday, October 29, 2015

Некои вредни работи, кои сега се само спомени, во кои младите и новите генерации нема да уживаат:

- Сега се е достапно на youtube, додека ние со нетрпение чекавме да го видиме омиленото музичко видео на телевизија. Имаше две до три квалитетни и познати музички програми кои што не информираа за најновите хитови и ги диктираа трендовите.

- Снимавме музика од радио на касети, правевме уникатни плејлисти кои често беа непланирано посетени и прекинати од рекламите кои непредвидливо ги пуштаа заедно со музиката во позадина. Од кога ќе ни се здосадеше песната, за преснимувавме со нова, поактуелна.

- Бевме сведоци на првите телефони. Значењето на титката, краткото ѕвонење со значајна порака дека некој во тој момент на нас размислува. Доколку е од најдобрата другарка, тоа знаи дека можеме слободно да и се јавиме на домашен и да муабетиме со часови без никој да не прекинува.

- Рационално искористување на сите карактери додека пишувавме смс пораки. Пораките беа скапи кога имаш ограничен кредит за тој месец. Кредитот не беше ни за еден месец, се надополнуваше на три месеци. Ти си го планираш и адаптираш за потребите. На тој начин научивме како да бидеме конкретни и кохерентни во искажувањето на мислите, нешто што сега би го искористиле за твитање.

- Ништо не беше побитно од серијата која почнуваше во точно определено време на телевизија. Репризата беше толку касно што едноставно ако ја пропуштиш, наредниот ден немаш што да разговараш на таа тема со пријателите. Сериите се сфаќаа премногу сериозно. Се гледаа во тишина, во дневната соба, на единствениот телевизор и сите домашни го почитуваа тој еден час посветен на заедничко поминато време.

- Купувањето нелегални, евтини CD-а од омилениот бенд или артист беше ритуал. Се одеше во продавницата со друштвото и заедно баравме, се советувавме, која ќе е најпаметната инвестиција затоа што тоа беше единствениот начин да дојдеме до парче музика што ќе можеме да ја слушаме кога сакаме. Првиот во друштвото што имаше можност и знаеше како да режи, се сметаше за бог.

- Немавме вифи во кафичи или интернет на телефони. Ако веќе немавме теми на муабет, обично игравме карти, табла или евентуално си гледавме на кафе. Се запознававме со нови луѓе. Смислувавме нови глупости. Но, барем вербално комунициравме и почесто се дружевме.

- Кога ќе дојдеше викенд, купувавме милкшејк од McDonald's и седнувавме кај скејтерите на кеј. Имаше раздвиженост во градот. Имаше деца на лулашки и млади во паркот. Седевме на сепариња или на тревата кај мечето. Учевме да свириме на гитара. Ако немаш години за во диско, не одиш во диско, без разлика како изгледаш или како се облекуваш. Уживавме во детството. Бевме среќни со малку и правевме многу.

- Бевме првите кои се запознаа со интернетот. Учевме што значи да си онлајн, да комуницираш преку социјални мрежи и да објавуваш мисли, текстови и фотографии. Ако сакаш да објавиш некоја кул фотка, немаше потреби од филтри или фотошоп алатки. И онака беше со лош квалитет, но за нас беа најдобри и уникатни! Објавувањето беше комплицирано и мораш да селектираш паметно, затоа што не објавуваме се и сешто. Имавме малку фотки, но ги создаваме со многу труд и внимание.

- Постоеше лимит на интернетот дома. Што значи гледање видеа или симнување филмови и серии беше строго забрането. Се снаоѓавме од други, позајмувавме и правевме копии. Ги чувавме за да ги гледаме повторно кога ни е досадно. Доколку симнеш со лош квалитет, мораш да го гледаш со лош квалитет. Или со синхронизација на непознат јазик. Друг пат повеќе ќе внимаваш.

- Гугл и Википедија не ни ги пишуваа домашните, семинарските, проектните. Одевме во библиотека за да позајмиме книги, скоро сите бевме зачленети. Читавме енциклопедии и правевме копии во тогаш скапите фотокопирници за да ги имаме дома за потсетување. Ги вреднувавме тврдите корици и убаво илустрираните учебници. Ги заштитувавме со украсни хартии за да ги вратиме неуништени или да ги продадеме кога ќе ги прочитаме и научиме.

- Разговаравме со часови на домашниот телефон, кој беше жичен и обично стоеше во претсобјето. Малку подоцна се појавија и безжичните телефони кои дури и покажуваа кој број ти ѕвони. Немавме друг начин да раскажеме се што се случило претходната вечер па се затваравме во соба и тивко разговаравме. Доколку по некоја случајност се јавеше симпатијата, тогаш ситуацијата стануваше сериозна и целата фамилија знаеше што се случува.

- Уживавме во убавината на добиените рачно напишани писма, на убав миризлив лист, со прекрасен читлив ракопис. Се радуваш до бескрај и со часови размислуваш што да пишеш, па вежбаш на посебни, бели, обични листови се додека не го усовршиш па на крај внимателно, со убаво пенкало врз испишаниот молив, повторуваш врз лист на кој има црни линии, за да не ти се искриви ракописот. Ако си задоволен, тоа е твојот финален производ, ако не, почнуваш од почеток.

- Доколку сакаш да фотографираш, мораш да имаш фотоапарат на кој му е потребен филм, со кој имаш малку повеќе од 30тина потенцијални фотки. Внимателно одбираш на што ќе ги потрошиш. Немаше интима, затоа што мора да одиш да ги развиеш, па целото фото студио знае што си фоткал, кој, кога и каде. Фотографиите се ценеа повеќе, па од кога ќе ги развиеш, убаво се чуваа во албуми, кои најчесто ги добивавме како подароци на роденден. Па кога ќе ти дојдат дома гости, гордо ги покажуваш своите дела. Или се ставаа во рамки за слики. Како и да е, секоја фотографија имаше своја уникатна приказна, затоа што не штракавме се и сешто, повеќе пати. Моравме да штедиме. И затоа повеќе размислувавме.

You Might Also Like

0 comments