Која е Хаштаг Љубов?

Monday, November 02, 2015

Хаштаг Љубов е нормална девојка. Обожава да готви, ако под готвење се подразбира правење тотален хаос во кујната додека се подготвува храна без никакви правила. Несвесно троши дупло повеќе време за спремање пред излегување само затоа што тоа и претставува процес на шминкање, комбинирање на парчиња облека, слушање музика, маникир, педикир, јадење, пиење кафе, разговарање и договарање со пријателите и правење откачени фотки пред огледало.

Оваа девојка очигледно сака да си го комплицира животот, затоа што едноставноста не ја привлекува. Сака да анализира, да размислува за поентата позади мистериозноста на животот, вистинската љубов, реткото искрено пријателство, вредностите на семејството, непредвидливоста на иднината и поуките од минатото.

Оваа девојка ја гледа убавината во несовршеноста, има остро око за детали и сака постојано да се надоградува. Таа верува во добрината на луѓето иако многу пати и го докажале спротивното. Знае да прости и брзо заборава. Некои мислат дека тоа ја прави наивна, но таа смета дека на тој начин расте и се развива. Според нејзините теории, светот е избалансиран хаос, ако тоа има некаква смисла.

Оваа девојка може да биде сама и кога е опкружена со луѓе и кога е во гужва, но и да и биде журка кога е сосема сама во својата соба. Сака да помогне, но тврдоглаво никогаш не бара помош. Мисли дека се може сама, затоа што така барем знае дека работата ќе биде солидно завршена. За неа нема тежина, има само предизвик. Нема ниту делење, сите сме еднакви, но различни. На крајот сите бараме само малку љубов, почит и внимание.

Хаштаг Љубов верува дека најсилната страна и е чувствителноста, моќта да разбере, да се поврзе и да сфати. Да погледне од друга перспектива, да зачекори во туѓи чевли и да ја осети тежината на своја кожа. Затоа знае да се сочувствува, да најде решение и да помогне.

Но, оваа девојка воопшто нема трпение. Нејзиното расположение е променливо и непредвидливо. Може да трпи, се додека не пукне, па да и треба малку време да се смири. Се си зема при срце и може лесно да биде повредена, но тоа не и претставува причина да постави околу себе камена тврдина, затоа што сака да чувствува, тоа е нејзината можност за конекција.

Оваа девојка има и лоши моменти, и тажни чувства, и негативни мисли, но знае дека тоа е нормално и дека само е потребно време да поминат. Правела и грешки, но научила нешто повеќе од нив. Не се срами да признае пораз затоа што знае и да победува. За неа најголемото знаење доаѓа од искуството, без разлика дали е тоа негативно или позитивно. Бидејќи знае дека не е совршена, ниту пак сака да биде.

Хаштаг Љубов сум јас. Хаштаг Љубов си и ти. И таа. Хаштаг Љубов не е само за љубовта кон него, или кон неа. Хаштаг Љубов е за љубовта кон се! Најмногу кон себе и кон она што нас не прави среќни. Најмногу кон она што нас не исполнува и не прави да се чувствуваме убаво и да сакаме да го живееме овој живот. Хаштаг Љубов е храбрата, независна, упорна и тврдоглава, искрена и креативната страна која ја имаме сите. Затоа што од таму започнува, од нас. А потоа љубов се бара и надвор од себе. Но, не за да се пополни некоја празнина, туку напротив, да се надополни веќе исполнетата слика.




You Might Also Like

0 comments