Mојата совршена симетрија

Saturday, January 09, 2016



Кога сум со тебе ми е ко пролетно утро и мирис на разеленета природа. 
Кога сум со тебе ми е ко чекорење по врел песок и првиот допир со ладна морска површина.
Кога сум со тебе ми е ко крцкање на есенски лисја и мирис на печени костени завиткани во хартија.
Кога сум со тебе ми е ко првите чекори по чиста, бела, снежна покривка.

Кога сум со тебе јас не морам да се преправам, да измислувам, да си замислувам.
Ти си мојата реалност, покрај тебе целосно се опуштам. 
Јас сум јас, а ти си ти, и такви сме прекрасни, заедно изгубени во лавиринтот на нашите бесконечности.
Кога те гледам се чувствувам ко да те знам со години, со децении, со векови и милениуми. 
Ко да сме се знаеле од претходни животи каде сепак покрај сите заплети сме завршувале по исти патеки. 

Јас можам да пишувам текстови, ти знаеш да пишуваш песни прекрасни. 
Понекогаш знам да воведам и некои рими но, ти ја пишуваш музиката низ моите реченици. 
На моите зборови им даваш смисла. 
Ме мотивираш да ја реализирам секоја замисла.

Те сакам ко што сакам чај од ванила и јагода.
Те сакам ко што го сакам првото, утринско кафе.
Те сакам ко што сакам колачиња со чоколадни парчиња.

Не морам да дефинирам како се чувствувам, а сепак не можам да престанам да опишувам.
Морам да споделам, овој црно бел свет со малку шаренила да го обојам.
Кога сум со тебе, јас не морам ни да размислувам. 
За прв пат не анализирам, ниту дијагностицирам, само уживам да постојам.

Љубовта наша не не ограничува. 
Напротив, не мотивира и не раздвижува.
Таква треба да е, да не загушува,
туку да остава простор постојано да расте и да се проширува.
Низ сите вени тече, во сите органи навлегува,
ко чист планински воздух бели дробови исполнува,
а срцево чука забрзано кога твоето присуство го чувствува,
а те чувствува и од далечина кога претчувствува дека доаѓаш.

Не е денот ден ако не е поминат со тебе,
ако не си ти тука, јас не знам што да правам со себе,
кога не си тука, ми фалиш, тоа ме излудува
кога доаѓаш денот ми се разубавува.

Кога сум со тебе ми е ко сите бои на зајдисонцето да ја обоиле оваа душа.
Кога сум со тебе ми е ко летен дожд после пеколна суша.
Кога сум со тебе ми е ко чисто ѕвездено небо и полна месечина.
Кога сум со тебе ко да испливувам на површина од бескрајна длабочина.
Ти не си ми само подобрата половина, ти си ми целина, мојата совршена симетрија.

You Might Also Like

0 comments