Најдобриот подарок што можеш да си го дадеш на себе.

Friday, March 25, 2016



Не можеме да го игнорираме фактот дека негативната енергија е заразна и лесно пренослива. И покрај сите напори да се остане мотивиран, инспириран и позитивен, сепак нашиот фокус како да преферира да се стационира во онаа мртва точка на самоуништување. Особено ако обожаваме детално да ја анализираме ситуацијата, сегашна, мината или идна. 

Но, имам забележано дека малкумина од нас превземаат нешто за да создадат промена. Без разлика дали е физичка, психичка или душевна. Очекуваме други да ни го пронајдат излезот на нашиот лавиринт или пак да ни дадат упатства за решавање на проблемот. 

Долго време бев под сив облак со идеја заглавена во глава дека работите не можат да се подобрат. Реалноста е сурова и животот е тежок. А што правев јас за тоа време?  Седев во место и гледав низ прозор, очекувајќи дека ќе дувне ветер и облакот ќе замине, па се ќе дојде на свое место и сончева светлина ќе ме исполни со позитивна енергија.

Убавата работа за енергијата, кога веќе сме на таа тема, е тоа што таа не се троши. Се создава од скоро ништо и се мултиплицира со максимално забрзување, се додека се инвестира во нејзиното опстојување. А ако се седи и се мирува, ќе остане на минимално, незабележително ниво.

Телото останува во состојба на мирување или рамномерно праволиниско движење се додека на него не му дејствува некое друго тело со сила и го натера таа состојба да ја промени. - Прв Њутнов Закон!

Што значи дека е време да станеме од кревет и да го размрдаме нашето тело. Да го активираме овој бистар ум и времето да престанеме да го трошиме на банални работи кои не превземаат и не создаваат во мизерни роботи. Ајде да зацртаме цели и да ги најдеме можните начини кон нивно постигнување. Да ги создадеме, ако не постојат. Па зарем ни ни е доста од тапкање во место чекајки го Годо?

Жално е дека сме креативни, паметни, иновативни, трудољубиви, прекрасни луѓе! Дружељубиви, гостопримливи, комуникативни и искрени! Но, мислам дека ни е во гени, длабоко во нас врежани, да се жалиме, да плачеме и да гледаме како му е на другиот давајќи забелешка на се она што не е наше. Чекаме туѓа дозвола и следиме туѓи правила на среќа. Убаво ни е да ни тежи тагата имајќи ја силата да ја тргнеме од над раменици, да се исправиме гордо и да продолжиме право.

Тоа сакав да ви кажам, забележувам премногу млади кои прерано се откажуваат очекувајќи дека животот е лесен и едноставен, со мисла дека се треба да е спремно на послужавник. Имаме идеи, (премногу квалитетни идеи!) имаме соништа, ама сме мрзливи да станеме и да ги оствариме. Чекај, уште кафево. Чекај, да дојде понеделник. Чекај, да дојде први. Чекај, да ми заврши серијата.. чекај.. чекај..

И секогаш "ама" или "што ако". Па зарем не гледате дека се ни е на допир, на самиот врз од прстите, само треба да се поднаведнеме, од пред нос да го зграпчиме? Имаме цел свет пред себе! Бесплатни информации на секој чекор! Долг е списокот на луѓе кои успеале од 0. Уште подолг на оние кои почнале од -10. 

Она што го дели успешниот човек од обичниот е тоа дека паднал премногу, но секогаш станувал, се исправувал и продолжувал и не се откажувал. И не очекувал од никој ништо. И не дозволувал друг да му ги сруши соништата. 

Каде си ти? Што ти е потребно? Не ти треба нов лист, само начртај линија. Но, не заборавај дека без ризик, малку среќа поттикната од позитивна мисла, многу енергија и инвестиција на време, нема напредок. Но, десертот се остава за крај затоа што тој ја краси вечерата. А црешата над шлагот е највкусна, една и единствена. 

Убаво е да се сонува, но да не се заборави дека треба да се разбудиш и да почнеш да го живееш сонот. Животот е краток, а совршениот момент е сега, овој овде, што чека да го зграпчиш и да направиш од ништо - нешто. Нешто што ќе ти ја исполнува душата, ќе ти ги пополни празнините, ќе ти го забрза срцето и ќе те направи бесмртен. Тоа е најдобриот подарок што можеш да си го дадеш на себе.


You Might Also Like

0 comments