Зашто решив да ги заменам сите производи за нега на кожа?

Wednesday, April 20, 2016

Шетањето низ DM и Cosmo се мојот начин на терапија. Најсериозно, додека сум опкружена со толку козметика и различни производи за убавина, се одмарам, се опуштам и се ослободувам од секаков стрес што сум го имала пред тоа. Но, овој пат, пред да земам шишенце со течност за чистење на лицето од бренд кој со години го користам, решив да го вратам назад. Си реков дека не вреди. Не вреди да инвестирам во нешто што наштетува на некој друг, а јас преку мојата минимална но каква и да е инвестиција го поддржувам тој чин.

Овој период пред две години започнав да го променувам целиот мој начин на исхрана. Процесот беше долг, тежок и имав потреба од многу информации до кои морав да дојдам сама. Од никој немав поддршка. Ден денешен сите го чекаат моментот кога ќе се вратам на стариот начин затоа што мислат дека овој е погрешен. Но, нешто што научив од тоа искуство е дека за било каква драстична промена, доколку навистина мислиш и чувствуваш дека е правилна одлука, самата ќе ти претставува потреба, а не обврска.
Но, за тоа во наредна прилика.

По две години континуирано читање, едуцирање и информирање околу тој мој "специфичен" начин на исхрана (како што би го нарекле многумина), сфатив дека иако себе си се дефинирам како веган, односно во кратки црти не јадам ништо од животинско потекло, ниту носам кожа или волна и слично, сепак на себе како и на моите клиенти користам производи кои се тестирани на животни, а често содржат состојќи и од животинско потелко.

За разлика од мојот начин на исхрана, не можам драстично да го сменам ова кај себе. Потребен ми е подолго период на адаптација.. Реално, живеев во розов свет каде што не знаев дека козметички компании тестираат на животни. Големи компании, светски познати компании, компании кои продаваат повеќе со своето име, а не толку со својот квалитет. И жал ми е што тие компании секојдневно губат клиенти заради тоа, затоа што драстично се зголемува свесноста на луѓето! Нешто што навистина ме радува и ми дава надеж за подобра иднина.


Нема да зборувам кои се тие компании. Тоа можете сами да го изгуглате доколу тоа го сакате, затоа што не сакам овој блог пост да изгледа ко нешто што воопшто не е. Реално, овој проблем е поприфатлив како таков од колку реалноста поврзана со целата месна и млечна индустрија. Веројатно зајчињата, глувчињата и мачињата и останатите животни кои се користени во експерименти се попривилегирани од другите животни кои се користат за храна, но и за ова ќе разговараме во некоја друга прилика.

Не можам да одам и да ги фрлам пола и повеќе производи во канта. Физички и реално можам, но ете не сакам се додека не ги надоместам. Прво, затоа што ми требаат за работа. Второ, сум ги заработила и купила или биле подарени, што би било толку неблагодарно од моја страна да го направам тоа. Трето, тие се дел од период од мојот живот кога не сум размислувала вака и иако повеќе не ги користам, сакам да останат потсетник на тој период. НО, дали сега со ова знаење што го имам би ги купила повторно? Не. Тоа е важното. Промената веќе е направена. Се друго е трпение, упорност и одење чекор по чекор. И да се мали чекори, сепак е подобро од колку стоење во место.

Излегов од ДМ со кеса полна производии од Balea. Нешто што ми фалеше и нешто за да го заменам со претходното. Balea не тестираат на животни, но не се целосно вегански затоа што во одредени нивни производи има состојки од пчелен восок, млеко и слично. Сепак, јас ги купив оние кои се на природна база, без тие состојќи. Но, ова е подобро од претходно нели? Особено на таква територија каде што немаш многу голем избор. Всушност, кај нас не ни имаш некој, било каков избор на достапна козметика за која не страдале и не биле искористувани животни.

Доколку познавате вакви брендови, компании и слично кои се достапни во нашите продавници, дрогерии, маркети.. ве молам информирајте ме. Однапред ви благодарам!


Во светот се е понапредно од колку кај нас, нели. Во светот јасно и гласно се зборува за важноста на промени од ваков тип. Идентификацијата и достапноста на производи кои не се тестирани на животни и не содржат состојки од животинско потекло и компании кои не го поддржуваат тоа не е непозната или забранета тема на размислување и разговор. На оваа тема, исто така, во наредна прилика или изгуглајте сами. Ќе останам овде до утре ако започнам да пишувам и на таа тема. Сега за сега мислам дека е доволно. Важно разговорот е запознат.

Знам дека вакви текстови за некого претставуваат личен напад. Не, не мислам дека јас сум подобра личност од тебе ако ти обожаваш и преферираш поинакви работи од мене. На крајот на денот прави го она што тебе те прави среќен но внимавај тоа да не повредува други.

Направи нешто несебично. Создавај убавини. Создавај мали промени кои го носат животот кон подобро. Некои ситници кои прават големи разлики. Кој е твојот избор? Затоа што ти не си она што велиш дека си, туку ти си твоите дејствија.



You Might Also Like

1 comments

  1. LUSH не тестираат на животни и имаат голем избор на вегнски продукти.

    ReplyDelete