Drugstore Makeup Haul ♡ Aura

Monday, May 16, 2016

Овој блог пост би сакала да го посветам на Aura, еден од моите засекогаш најомилени козметички брендови. Знам дека ви е познат овој бренд, можете да го најдете во секоја од нашите продавници, дрогерии и поголеми маркети, нуди голем избор на високо квалитетни производи од декоративната козметика за навистина достапни цени. Освен тоа што нудат одлични производи, мене ми се допаѓа тоа што доаѓаат од нашиот северен сосед и што секогаш сум сигурна дека јас ги отварам прва производите.


Она што особено ме израдува е кога видов колку нови производи се донесени и секако морав да ја наполнам кошничката. Го знаете она кога влегуваш во ДМ или Космо само за да прошеташ а излегуваш со полна кеса нови производи? Епа јас си знам. Како и да е, да споделам со што се подновив во последниов период од месец дена, наша варијанта од drugstore makeup haul, израз за кој искрено не знам соодветен превод на македонски.

Дали сте спремни за навистина долг но искрен блог пост? (:



Да почнеме од основата. Бидејќи сум при крај со прајмерот кој го користев во последно време, решив да си купам нов и како што тргнав да го земам оној од Gosh ги здогледав овие од Аура. Има нови два типа на прајмери, еден бел за цело лице и еден зелен наменет за намалување на порите во Т зоната. Јас го земав белиот Prime Me! и сум презадоволна што го направив тој чекор. Овој прајмер е совршената основа за пудрата, лесно се нанесува иако е густ, брзо се апсорбира во кожата и ја подготвува за нанесување на шминката. Веднаш ќе ја почувствувате свежината и хидратацијата во комбинација со прекрасниот мирис кој го обожавам. Не содржи минерални масла и парабени што секогаш е добра информација за нешто што дирекно го нанесувате на кожата и претставува бариера.

Течната пудра Cover Me! е пудра со средна покривност која е лесна за нанесување, водоотпорна, трае до 24 часа и доаѓа во 6 нијанси во прекрасно пакување од 30мл од кое ќе можете да го искористите целиот производ, до последна капка. Најважно е тоа што нејзината формула е хипералергена и во себе содржи заштитен фактор 20. Веднаш при нејзиното нанесување ќе забележите дека лесно и рамномерно се нанесува и убаво ги покрива сите несовршености, но не ви ги затвора порите и не прави да изгледате ко да имате премногу пудра. Има благ мирис кој не се приметува премногу, но убаво делува. Оваа пудра е за сите типови на кожа, а јас ја имам во најсветлата нијанса 101 Alabaster која совршено ми одговара, конечно!

Во комбинација со оваа пудра, си земав и коректор и камена пудра. Коректорот е првиот производ што отидов да го купам, иако беше со намера да го купам оној во стик од кој немаше најсветла нијаса за мене, па се решив да го земам и пробам овој: Correct Me Concealer во нијанса 304 Fair. Одличен за под очи и покривање на темните кругови, но јас го користам и за осветлување на делови од челото, носот, брадата и под јаболчниците. Камената пудра е Velvet Matte Pressed Powder во нијанса 312 Beige која доаѓа со огледалце и сунѓерче за апликација. Сунѓерчето користете го доколку сакате навистина да добиете максимална покривност, а доколку сакате поприроден изглед земете поголема четка. Како и пудрата така и коректорот и камената пудра доаѓаат во 6 нијанси.

Следно е ружот Glorious Cheeks Powder Blush кој од 12 го одбрав овој во нијанса 215 Deep Wine. Не сум премногу воодушевена затоа што за посакуваниот ефект е потребно повеќе од само еднаш да го нанесете со четката. Реално, малку се разочарав затоа што очекував повеќе.
Дали имате некое искуство со овој руж? 


Она што ми е моментално фаворит се моливчињата за усни. Нив ги нанесувам на цела уста и врз нив можеби да ставам кармин или сјај во соодветна боја. Моливчињата сами по себе ми го даваат посакуваниот пигмент во мат верзија а доколку би сакала да нанесам кармин, би ја зголемиле неговата долготрајност со сигурност. Кремасти, лесно и прецизно се нанесуваат и долго траат а јас не можев да се воздржам и да си земам само едно па затоа имам три и тоа во темно црвена боја со број 43, во темно вишна боја со број 56 и мојот најомилен што го користам секој ден а тоа е во неутрална нежна розева нијанса со број 53. Овие моливчиња кои патем во себе содржат состојќи за хидратација и нега на вашите усни се со навистина ниски цени и доаѓаат во 14 нијанси од кои има со мат и бисерен финиш.


Од сенките за очи посакував да ги имам сите 12 нијанси, но морав да се воздржам и да се одлучам за една. Онаа која јас ја имам беше #љубов на прв допир како што можете да забележите на фотографијата подолу. Ја имам бисерната и втора по ред најсветла со број 61 Sun Kiss и нејзиното име буквално ја опишува оваа сенка која не е ни златна ни сребрена, туку буквално делува како сончев зрак. Ја нанесувам со помала и погуста четкичка за сенка на очи во делот на внатрешниот капак. Пре-кра-сна! 


И за крај, она за кое што можам да ви гарантирам дека се најдоброто нешто на пазарот и дека нема да погрешите доколку ги купите. Знам дека вештачките трепки звучат страшно и чудно, но откако ќе ги ставите за прв пат ќе сфатите дека со вистинските трепки вашата шминка ќе биде совршено надополнета, а не да изгледа пренападно и вештачка. Вештачките трепки Power Lashes од Аура се најдобрите трепки што ги имам видено и користено некогаш! Од различните 8 типови на трепки моите најомилени и оние кои и на вас ви ги препорачувам се Miaou Miaou со број 04 и Velvet Eye со број 05. Овие трепки лесно се ставаат, изгледаат природно и се за повеќекратна употреба. Ќе ви траат долго ако внимателно, редовно и темелно ги чистите и ги чувате во кутивчето кое доаѓаат со нив. За нивно нанесување го користам црниот лепак од Аура кој повеќе ми се допаѓа од белиот. Единствената забелешка што ја имам за овој лепак е што еднаш ми се случи да го отворам и да биде премногу течен и да мириса ужасно. Не знам што беше проблемот и можеби требаше веднаш да го вратам и да побарам нов затоа што до тогаш па и сега знам дека тој лепак нема мирис, не е ни густ а ниту течен туку нешто помеѓу, лесно се нанесува и се суши за помалку од 15 секунди. Бидете внимателни со капачето затоа што лесно се губи а не сакате да ви се исуши лепакот и да треба да го фрлите. Како и да е, од сите лепаци за трепки што ги имам пробано, од овој сум најзадоволна освен за таа една ситуација кога навистина ме изненади, но во сите други (го купувам константно 3 години веќе) никогаш не ме изневерил.


Ова е се сега за сега. Се надевам дека ќе продолжам да ја надополнувам мојата колекција со производи од Аура. Доколку сакате да видите апликација на некои од овие производи погледнете го моето последно видео тука и следете ме на мојот youtube канал за да бидете во тек со наредните видеа. ^^

За што сакате да читате во наредните блог постови? Дали имате некој производ што сакате да го пробам и да споделам со вас впечатоци? Имате ли посебна желба за некое наредно видео?
Сите овие прашања можете да ги одговорите подолу во коментарите или да ми пишете на инстаграм или на фејсбук!

Ако го прочитавте ова до крај, ви благодарам! Прекрасни сте! :*

You Might Also Like

10 comments

  1. Трепките долго време ги корстам и сум многу задоволна, исто така го имам и зелениот прајмер и одличен ми е. Од течната пудра пробав и не ми се допадна, многу ми се познаваше на лицето и се пренесува на облека телефон итн.
    Како и да е одличен пост, би ја пробала камената пудра и моливчињата за усни па ако не ти е проблем да ми кажеш цена? :)

    Одличен пост како и секогаш, и даа го прочитав до крај и едвај чекам нов! <3

    ReplyDelete
    Replies
    1. јас па конечно си најдов моја нијанса на пудра што воопшто не ми се познава и разликува од лицето.. можеби имаме различна кожа? иначе секогаш ја фиксирам со Urban Decay All Nighter Long-Lasting Makeup Setting Spray и не сум забележала да ми мрда некаде. Камената пудра од прилика беше околу 300 денари а моливчињата беа 116 денари. :)

      Delete
    2. иначе фала за прекрасниот коментар!<3

      Delete
  2. Не само што прочитав се, туку уште од утре планирам да си ги набавам прајмерот, коректорот и светло розевото моливче. Фала на препораките :*

    ReplyDelete
    Replies
    1. Пиши ми како ти се допаѓаат - сподели first impressions. :*

      Delete
  3. Го купив цел сет освен руменилото и презадоволна сум. Руменилото (бронзерот) на Gosh не го менувам за ништо на светов. Само течната пудра малце потешко се размачкува по лице со четка. Чаре?

    ReplyDelete
    Replies
    1. дали претходно нанесуваш прајмер? јас пудра со бјути блендер нанесувам во последно време, ми го прави лицето совршено, пробај така, па кажи ми како си задоволна. :)

      Delete
    2. Да користам Prime me на Aura.

      Каде да го набавам бјути блендерот?

      Фала ти многу. :)

      Delete
  4. Ја имам сенката и феноменална е .Ја носам постојано, во дневна и вечерна варијанта. Одлично стои со со многу темно кафеава сенка во надворешниот агол на окото.
    Одличен пост, ми се допаѓа начинот на кој пишуваш.

    ReplyDelete
    Replies
    1. фала ти за одвоеното времеда го прочиташ и да оставиш ваков прекрасен коментар. :*

      Delete