Понеделничка доза на инспирација

Monday, June 06, 2016



Драги родители,
Совршенството е преценето, создава непотребен притисок и кога е форсирано не создава ништо повеќе од проблеми. Прифатете го вашето дете онакво какво што е, почитувајте ја неговата/нејзината индивидуалност, повеќе од се грижете се за неговата/нејзината среќа и запомнете дека тој/таа има свој живот, еден и единствен, исто како што вие имате ваш. Запомнете дека да се биде родител е да се биде ментор и пријател, а не далечна личност во униформа на полицаец која држи дебела книга на правила, награди и казни.

Драги професори,
Вие сте оние кои мотивираат, инспирираат и информираат. Имате моќ да направите некој да се заљуби или да чувствува максимална одбивност од вашиот предмет. Не им кажувајте на вашите ученици дека не се доволно добри, тие ви веруваат и ќе ги сфатат сериозно вашите зборови. Вашето животно искуство е поважна лекција од дефинициите кои ја определуваат нашата оценка, а моќта да се запамтат истите не ја укажува способноста и квалитетот да се заврши работата.

Драги пријатели,
Секој од вас има различна приказна, различен поглед на животот и поинаков пристап кон работите и проблемите. Кога велите дека сте тука за некој, се очекува тоа го мислите со цело срце, а не само кога имате некаква потреба.  И да не се знаете доволно долго, доколку чувствувате поврзаност, некаква конекција, трудете се да ја задржите и да работите на истата. Но ако забележите дека се работи за еднонасочна комуникација, повлечете се. Никој не е толку вреден за да заслужува нечие скапоцено време.

Драга љубов,
Фала што сеуште веруваш во луѓето иако тие се повеќе и повеќе не веруваат во тебе. Знам дека на некои им изгледаш страшно, а на други невозможно но, кога ќе се запознаат со тебе им го менуваш животот и се останато пред тебе изгледа ко дел од друг, претходен живот. Жал ми е што те злоупотребуваат, манипулираат и те искористуваат кога се што им даваш ти е топлина и убавина, а кога некој ќе ги повреди, навреди или скрши, те криват тебе. Ја обожавам твојата упорност, и жал ми е за оние кои бегаат од тебе затоа што ти си основата на секоја добрина што некако се обидува да преживее во овој ладен свет, ти си единствениот извор на боја во оваа црно бела реалност. Ти не се откажуваш, а тоа ми е најбитно.

Драг читателу,
Што и да те мачи во моментов, ќе помине. Сите нерешени проблеми се тука пред тебе затоа што ти ја имаш моќта да го најдеш нивното решение. Животот не е суров, прекрасен е. Но, само за оние кои навистина знаат да го препознаат тоа. Дигни го погледот од екранот, затвори го лаптопот, изгаси го телевизорот. Излези надвор, седни на кафе со најблиските, кажи им како се чувствуваш. Не дозволувај да станеш робот на ова изобличено општество. Слушај го твоето срце, тоа те познава најдобро. Не се плаши да бидеш она што си, затоа што на крајот на денот ти си оној кој треба да сака и да ужива да живее во своето тело, а не да бара излез од истото.

Ви благодарам на вниманието,
имајте прекрасна работна недела. :*

You Might Also Like

0 comments