GOSH Foundation Drops Review & First Impression

Wednesday, June 08, 2016



Запознајте се со мојот нов летен фаворит, љубовта на прв поглед, прекрасната течна пудра #Foundation Drops од GOSH која доаѓа во едно интересно и уникатно пакување. Шетајќи низ Cosmo и разгледувајќи низ многуте полици со различни видови на производи, разгледувајќи без намера нешто да купам, се одвои од се што беше поставено околу неа. Дизајнот веднаш ми го привлече вниманието и фактот дека е со пипета беше една од причините веднаш да ја земам и да ја пробам.

Бидејќи е нов производ на нашиот пазар, немав прочитано ниту слушнато ништо за оваа пудра. Но, мојата доверба во производите на GOSH не дозволи да се посомневам во нејзиниот можен квалитет. Од понудените 5 нијанси, ја одбрав мојата, најсветлата Ivory 002 и забележав дека има и за потемна кожа, што е реткост на нашиот пазар, но тоа ми се допадна затоа што нуди избор за кој многумина го немаат. Идеално би било да додадат уште нијанси, но со оглед на тоа дека е релативно нов производ на пазарот, очекувам дека тоа би се случило во иднина доколку го привлече вниманието на потрошувачите.

Она што го нуди оваа течна пудра е она што јас го барам од ваков тип на производ за време на долгите и топли летни денови. Лесно се нанесува на кожата, има свиленкаста текстура, го изедначува тенот, не се забележува ниту пак се чувствува нејзиното присуство и остава прекрасен финиш на здрав изглед. Нејзината покривност се движи од минимум до медиум со тоа што можете лесно да ја надградувате до посакуваниот изглед.

Пред да ја отворите ќе забележите дека е цврсто завиткана во транспарентна, пластична обвивка која ви гарантира дека вие сте првиот кој ќе го користи овој производ. Без разлика за кој и да е производ или бренд, ова ми е најважно затоа што веднаш после отварањето на производот истиот има одреден период на траење и не би сакале да купите нешто што е претходно отворено или пробувано од друг.

Не заборавајте шишенцето да го протресете добро пред да го нанесете на кожата на лицето. Јас, како што знаете, за нанесување на пудра во последно време го користам мојот омилен original beauty blender со кој можеби го одолговлекувам процесот но, крајниот производ е беспрекорен. Доколку не сакате да користите ваков тип на апликатор, секако дека слободно може да ги користите вашите прсти иако добра четка за нанесување на течна пудра навистина ќе ви помогне и е инвестиција за која никогаш нема да зажалите. 

Колку повеќе капки, толку повеќе покривност! Кул, нели? ^^


Првиот впечаток беше позитивен. Прво, затоа што веднаш совршено ми го израмни тенот и ги покри сите црвенила и несовршености. Второ, му даде природен сјај и здрав изглед кој толку долго го посакував, одличен за летниот период. Трето, не се чувствуваше ко да нанесувам пудра. Одкако убаво ќе се впие во кожата, ја остава мека и нежна на допир и дава природен финиш, дефинитивно не е мат, што за мене е чудно со оглед на тоа што од секогаш сум преферирала интензивни мат "тешки" пудри со висока покривност. Но, го добив она што го сакав и барав: пудра која е поинтензивна од BB крема, но полесна од просечна пудра, која нема да се чувствува, која хидрира, во себе содржи заштитен фактор, ќе покрива до одреден степен и нема да се забележува на кожата. 

Јас сум презадоволна и на секого му ја препорачувам да ја проба. нејзината цена е 690 денари и добивате производ од 30мл. Има 12 месеци рок на траење, не е тестирана на животни и не содржи состојќи од животинско потекло (#веган). Немам никакви негативни забелешки, би ја купила повторно, дефинитивно моја нова омилена пудра за летово и за секојдневно користење! 

пс. Штотуку прочитав дека е прогласена за најпопуларен производ за оваа година!

Како ви се допадна овој блог пост? Сте ја пробале ли оваа пудра или пак сакате да ја пробате? Пишете ми доле во коментарите или пак на facebook. Останете ми добро расположени и имајте прекрасен ден! Повторно се читаме во блиска иднина. :*

You Might Also Like

1 comments