Review: Catrice Cosmetics Camouflage Cream

Tuesday, June 14, 2016

Немате спиено со денови? Сте заглавиле во диско а треба да станете рано за на работа?
Совет: малку коректор под и во внатрешниот агол на очите и ќе изгледате десет пати подобро.
Но, за вакви ситуации ви е потребен коректор што навистина ќе покрива, а не само осветлува. 


Денешниот блог пост е посветен за производ со кој што сум запознаена уште многу оддамна, но никако да се решам да го купам за себе. Го имам еднаш пробано пред неколку месеци, ми остави убав прв впечаток, но го немав детално анализирано затоа што ретко можев да го најдам во нашите дрогерии, очигледно е многу баран и купуван. Можеби го знаете, но доколку ова е прв пат да слушнете за него, денес ќе пишувам за кремастиот коректор од Catrice Cosmetics - Camouflage Cream.


На прв поглед ме потсетува на еден од моите all time favorite производи со кои започнав да шминкам, Manhattan 2 in 1 Concealer & Fixing Powder затоа што имаат слична кремаста структура и ветуваат висок степен на покривност. Коректорите од Manhattan доаѓаат заедно со мало огледалце, пудра за фиксирање и сунгерче за нанесување на истата па и цената им е дупло повисока, но се производи кои си ја завршуваат работата, можат да ги скријат сите несовршености на вашето лице до максимум. Ги обожавав, знам дека се одлични и сеуште би ги купувала, но сакав да направам промена и да го пробам кремастиот коректорот на Catrice Cosmetics.

На прв поглед, пакувањето не ме восхитува, едноставно е, но практично. Можете да го нанесете со чисти прсти или четка. Ваквиот тип на коректори не се лесни на кожата, дефинитивно го чувствувате нивното присутство и го гледате нивниот ефект. Обично прво нанесувам пудра па потоа коректор но сега решив да ја испробам моќта на овој коректор и да ги видам неговите способности на кожа која нема ништо освен прајмер. Најголемата "поправка" што би ја направила е под моите очи, затоа што колку и да спијам, сепак темните кругови и црвенилото околу очите ме прават да изгледам уморно и/или болно. Па затоа сакам да ги покривам, со малку труд добивам поздрав изглед на лицето и на целиот мој изглед. Мојата нијанса е 010 Ivory, која најсветлата и е една од трите кои можете да ги најдете на пазарот.

Производот нежно го нанесов со прст на нејтемните делови под и во внатрешниот агол на окото. Прв впечаток: не е толку тежок и густ како кремастиот коректор од Manhattan. Овој е кремаст но не е мат. Втор впечаток: сум ја погодила нијансата, добро е. (: Нанесов малку, внимателно со тапкање го изедначив низ посакуваната површина и почекав да ја видам разликата. Навистина ми се допаѓа! Не би го оставила сам по себе, како и било кој друг коректор мора да се фиксира. Па затоа над него нанесов малку камена пудра со четка.

На сликата подоле ќе се запознаете со моето лице без шминка. На левата страна е нанесен коректорот, додека на десната нема ништо. Можете да ја видите разликата со само едно нанесување на произвотот, без претходно нанесување на течна пудра и без фиксирање со камена пудра. Окото е разбудено, освежено и осветлено. Го снема црвенилото и темниот круг.


Е сега, не би кажала дека е full heavy coverage како што пишува на производот, би рекла дека е медиум кој се надградува. Јас сум девојка која обожава целосна, максимална покриеност и овој производ е солиден, би бил совршен за оние кои сакаат медиум покриеност, не се фанови на мат коректори и не посакуваат толку видлива присутност на производот. Ги покрива сите несовршености, видливите венички под очите и ги осветлува темните кругови, одлично ја измазнува и се изедначува со кожата. Лесен за употреба и остава убав ефект одкога ќе се впие во кожата.

Додека го пишувам ова поминати се 10 часа од кога го нанесов. Се нема помрднато од првото нанесување без поправки и без повторно нанесување на камена пудра, што значи дека е долготраен и отпорен на топлото време и мојата активност во текот на денот. Но, има навлезено во малите линии под очите, нешто што мене навистина не ми пречи.

Мојата конечна оценка е 4+
Цената на овој производ е 205 денари и можете да го најдете во нашите ДМ дрогерии.
пс. Catrice Cosmetics не тестираат на животни, што е огромен + но, за жал, не сите производи им се вегански.

Дали би го купила повторно? Можеби, но најверојатно не, затоа што секојдневно сум во потрага по нов производи кои ќе бидат интересна тема за разговор со вас, моите прекрасни читатели. (:

Дали го имате пробано овој производ? Како ви се допаѓа? Ако го немате пробано, дали сте заинтересирани да ја испробате неговата моќ? Пишете ми коментар, обожавам да ги читам вашите мислења. (:

Ви благодарам на вниманието,
имајте прекрасна вечер и се читаме набрзо. ^^

You Might Also Like

0 comments