GOSH Smokey Nudes Palette Review



Морам да признаам дека обожавам палети. Палетите со сенки ми се слабост и секогаш сум во тек со најновите и најпосакуваните палети. Преферирам сенките да ги купувам на овој начин, веќе групирани и убаво организирани, затоа што ми е полесно за складирање и за користење, па затоа сум секогаш возбудена кога ќе здогледам нова палета или ќе откријам некоја која претходно не сум ја знаела.

Веќе е познато на мојот блог дека Gosh ми е еден од поомилените drugstore брендови. Нуди квалитетни производи по ниски цени, не тестира на животни и нуди и веган опции. Овој бренд со потекло и производство од Данска полека но сигурно се проширува на пазарот и чекори паралелно со трендовите и побарувачките на потрошувачите.

Имам повеќе различни производи од Gosh, некои ги обожавам и ми се дел од секојдневната рутина, некои се добри, но некои воопшто не ги користам. Сепак, секој бренд има свои погодоци и промашувања. Но, секогаш сум спремна да пробам некој нов производ и да го додадам во мојата колекција.

Оваа палета ми беше позната веќе подолго време. Постојано ја гледав на полиците од продавниците на Cosmo, ја земав и ја враќав назад. Единствена причина која што ме спречуваше во нејзино купување беше фактот дека имам премногу палети кои ги обожавам и знам дека ништо не може да ги замени. Но, она што ме натера да ја земам и да ја пробам беше овој блог, сакав да го напишам и објавам моето мислење во врска со неа за да знаете и вие што да очекувате доколку си ја купите, и дали ја препорачувам или не.

Да започнам со нејзиното пакување. Изгледот на кутијата е прекрасен, убаво е осмислен и интересно се прикажани сите десет нијанси на сенките кои ги нуди, но нема фотографија од тоа како изгледа палетата внатре. Тоа беше еден од проблемите, оваа сенка нема тестер за да ги пробате сенките пред да ги купите, ги купувате на слепо, затоа што палетата е убаво затворена и не смеете да ја отворите. На задната страна од кутијата ги пишува состојќите, дека е произведена во Кина (што ме зачуди затоа што другите производи од Gosh се создадени низ Европа), рокот на траење од 30 месеци и нејзината цена. Оваа палета ја купив од Cosmo на попуст за 784 денари.


Внатре, палетата е обична, црна, направена од цврст картон и тешко се отвара затоа што е со магнети. За разлика од интересното надворешно пакување, ова е едноставно и не се потрудиле околу неговиот изглед. Од кога ќе ја отворите, внатре ќе ги забележите прекрасните сенки, големото огледало и четкичката.

Сенките на прв поглед се прекрасни, нивните бои се совршени, со најразлишни финиши, за создавање различни изгледи. На допир се меки и со прст лесно го подигаат пигментот. Од овие 10 сенки, ниедна не е комплетно мат, што за мене претставува мал проблем. Исто така не ми се допаѓа тоа што не се толку интензивни колку што очекував. Со прст се нанесуваат солидно, но со четка е малку потешка апликацијата. Сите сенки се блендираат малку поинаку од она на кое што сум навикната, сакаат да бидете понежни со нив и полека да работите на нивното нанесување. Потребно е повеќе пати да се враќате со четката во сенката за да го добиете посакуваниот интензитет, но резултатот е прекрасен.


Ако ја поделите цената на палетата на десетте сенки, ќе добиете сенка за само 80 денари, а тоа е премногу евтино за сенки. Но, истите мора да ги нанесувате со прајмер, со прст или со четка без многу желба за совршенство без маана и напор за беспрекорно блендирање. Ако ова ви звучи океј, тогаш оваа палета е за вас. Бонус добивате одледало, четкичка и палета која лесно можете да ја спакувате, да не зафаќа многу место и да ја носите секаде со вас, без да се плашите дека ќе ја изгубите или скршите.

Се надевам дека ви се допадна оваа искрена рецензија. Gosh е еден од моите најомилени брендови и секако дека ќе продолжам да купувам од производите кои ги нуди. Сфатив дека колку повеќе ја користам оваа палета, толку повеќе ја разбирам и ми се допѓа. Мојот прв впечаток беше сосема различен од она мислење кое го имам сега.

Оваа палета е совршена за создавање на нежни, едноставни и секојдневни изгледи. Ја препорачувам на почетници, на оние кои сакаат да си играат со палети и на оние на кои не им се инвестира во поскапа шминка. Според мене, оваа палета заслужува оценка 4/5. Не е воопшто лоша, особено за таа цена. Јас ќе продолжам да си играм со неа и ќе ве информирам за прогресот.


Доколку сакате и сте заинтересирани да видите туторијал на мојот youtube канал со користење само на оваа палета, оставете ми коментар подоле. Би ми било задоволство да го создадам за вас. :)

Ви благодарам на вниманието, имајте прекрасен ден, кај и да сте и што и да правите!
Се читаме повторно, за брзо време!

No comments:

Powered by Blogger.