Целосна рецензија на производите од Wet n Wild

Monday, October 23, 2017
Кога дознав дека Wet n Wild конечно пристигнале во просториите на дм дрогериите, веднаш отидов затоа што не можев да поверувам на прекрасните вести. Овој бренд кој доаѓа од Америка, поточно од Лос Анџелес, Калифорнија, е основан во 1979 година и познат по тоа што создава и нуди квалитетни шминки, наменети за сите, кои можете да ги најдете во вашата локална дрогерија и кои можете да си ги дозволте и со минимален буџет. Една од работите кои многу ги почитувам кај Wet n Wild е тоа што се cruelty free, односно не тестираат на животни, не ги продаваат производите во Кина каде што тестирањето на животни е задолжително и имаат производи кои се веган.

Не можев да се воздржам и земав од се по нешто за да пробам и да видам со свои очи и на своја кожа а потоа да го споделам искуството со вас. Со дел од нив создадов романтичен изглед кој го објавив на мојот youtube канал каде можете и да видите како ги користам овие производи и како истите изгледаат. Се надевам дека ќе ви се допадне видеото, а подолу имате детално објаснување и мое мислење за сите производи кои досега имав можност да ги пробам и да ги користам.



Wet n Wild COVERALL Primer 
Овој прајмер е наменет за намалување на порите, пополнување на несаканите линии на лицето, и осветлување и изедначување на тенот. Не е премногу густ, лесно и убаво се нанесува на лицето. Неговито мирис е нежен и потсетува на крема за лице. Ја прави кожата свиленкаста и ја подготвува за нанесување на пудра. Откога ќе го нанесете, оставете неколку секунди убаво да се впие во кожата и продолжете со нанесување на шминката.
Овој прајмер нуди 25мл производ, има 12 месеци рок на траење и чини 375 денари.


Wet n Wild  photofocus Foundation
Оваа течна пудра наменета за редуцирање на белиот одблесок кој се создава кога се фотографираме со блиц и е тестирана под седум различни светла со најновите смартфони. Оваа пудра е дефинитивно мојата најомилена во моментов. Доаѓа во стаклено пшишенце со пластично капаче и апликатор кој го олеснува нејзиното нанесување затоа што со него можете да нанесете директно на лицето без да си ги валкате рацете. Нуди лајт до медиум покривност, убаво се блендира во кожата и остава прекрасен природен финиш. Не се чувствува додека ја носите, не се познава дека ја имате нанесено, ја усовршува вашата кожа и е навистина долготрајна. Наменета е за сите типови на кожа и одлично се адаптира на вашите потреби. Дефинитивно ја препорачувам, одличен производ!
Оваа пудра нуди 30мл производ, кој трае 12 месеци, чини 435 денари и е веган!


Wet n Wild photofocus Concealer Correcteur 
Овој коректор е наменет за максимално прикривање на темните кругови под очите и несаканите несовршености на лицето. Апликаторот е одличен и го олеснува нанесувањето. Овој коректор е навистина густ и брзо се суши. Нанесувајте почесто, но по малку и веднаш блендирајте го со остатокот од лицето, а потоа нанесете камена пудра за да го фиксирате и да стои на свое место целиот ден.
Овој коректор нуди 8,5 мл производ, кој трае18 месеци, чини 249 денари и е веган.

Wet n Wild photofocus Pressed Powder 
Оваа камена пудра одлично доаѓа во комбинација со течната пудра и коректорот. Не создава ефект како да носите шминка, само ја подобрува вашата кожа, што е целата идеја позади оваа линија на photofocus производи. Лајт камена пудра одлична за секој ден, ја фиксира шминката, не го матира лицето но му дава природен изглед, а кожата сеуште дише под неа во текот на целиот ден.
Оваа камена пудра нуди 7,5гр производ кој трае 12 месеци и чини 315 денари.



Wet n Wild megaglo Contouring Palette
Оваа палета за дефинирање на цртите на лицето е една од моите омилени во моментов. Двете нијанси се мат и одлични за секојдневна употреба. Темната нијанса ми е совршена за контурирање затоа што лесно се нанесува, одлично се блендира и дава природна контура. Светлата нијасна ја користам за осветлување на делот под очите, центарот на челото, носот и брадата и делот под јаболчниците за да и додадам дополнителна дефиниција на контурата. Одлична палета! Со еден допир на четката добивате повеќе и од доволо производ па затоа бидете нежни и внимателни кога ја користите.
Оваа палета нуди 12,5 гр производ кој трае 18 месеци и чини 375 денари.

Wet n Wild coloricon Blush
Нежен руж за секојдневна употреба кој е совршен за оние кои сакаат малку боја на лицето но тоа да не биде главен акцент на шминката. Лесно се нанесува, одлично се блендира со контурите и хајлајтот, убаво изгледа на дневна светлина и дава доволно топлина за да создадете природна шминка.
Овој руж нуди 5,85гр производ кој трае 24 месеци и чини 249 денари.


Wet n Wild megaglo Highlighting Powder
Морам да признаам дека обожавам хајлајтери и дека тие ми се слабост периодов. Овој високопигмениран хајлајтер е прекрасен, од самиот негов изглед до свиленкастиот ефект што го создава. Му дава на лицето посебна димензија без отстапување од природниот изглед но со додавање на бисерен финиш. Го нанесувам на врвот на јаболчниците, во центарот на челото, низ должината и врвот на носот. на брадата и над устата. Овој хајлајтер е еден од најпопуларните производи од овој брен и често е омилен помеѓу шминкерите и зависниците од шминка.
Овој хајлајтер нуди 5,4 гр производ кој трае 24 месеци и чини 329 денари.


Wet n Wild ultimatebrow KIT
Овој кит наменет за целосно усовршување на веѓите доаѓа со малечка чупкалка, четкичка, восок за веѓи, посветла и потемна нијанса и огледалце. Восокот е наменет да ги скроти влакненцата и да ги доведе во совршен ред без да се помрднат во текот на целиот ден. Со посветлата нијанса дефинирајте го почетокот на веѓата каде влакненцата се поретки, додека со потемниот додадете боја во делот каде што веѓата создава природен агол и издолжете го нејзиниот крај. Интензивно пигментиран производ кој дефинитивно ќе ги разубави вашите веѓи.
Овој кит нуди 2,5 гр производ кој трае 24 месеци и чини 299 денари.

Wet n Wild photofocus Eyeshadow Primer
Овој прајмер е одличен за да бидете сигурни дека сенката ќе биде долготрајна и со максимален интензитет. Густ е и навистина брзо се суши така да бидете брзи кога го нанесувате и убаво распространете го по површината на капакот од окото. Од кога ќе се исуши спремни сте да ја нанесете сенката онака како што вие посакувате. Доколку посакувате долготрајна шминка на очите, овој прајмер треба да е задолжителен дел од вашата рутина.
Нуди 10 мл производ кој трае 6 месеци и чини 375 денари.


Wet n Wild Au Naturel coloricon  Nude Awakening Eyeshadow Palette
Доколку барате палета со сенки за креирање на разновидни неутрални изгледи без разлика дали станува збор за дневна или вечерна шминка, оваа палета е наменета за вас. Бев изненадена од интензитетот на пигментот, колку лесно се нанесуваат, колку добро се блендираат и колку долго траат. Од задната страна на палетата ги има сенките со броеви и неколку изгледи создадени кои се објаснети со броевите на сенките, одлично за почетници и оние кои сакаат да научат како да го создадат совршениот smokey eye look.


Оваа палета нуди 10 разновидни неутрални сенки кои имаат најразлични финиши. Мат сенките се совршени за транзиција и додавање длабочина и дефиниција на окото, додека шимерите, сатените и светкавите се одлични за додавање на акценти. Прекрасна палета која воопшто не тежи и не завзема премногу простор па затоа е одлична и за патување и за носење со себе. Сенките ги нанесував од кога ќе нанесев прајмер а потоа ги нанесував со четка за сенки.
Оваа палета трае 24 месеци од нејзиното отварање и чини 515 денари.



Wet n Wild megaliner Define Liquid Eyeliner Black
Првиот пат кога го отворив и кога ја видов четката, мислев дека нема да можам со него да нанесам онака како што посакувам, но се изненадив кога сфатив дека нанесувањето е премногу олеснето, поедноставно и континуирано. Апликаторот е со медиум дебелина, одличен за создавање интензивна црна линија на окото. Долготраен и не се размачкува, стоеше на свое место се додека не го избришав со отстранувач за шминка. Прекрасен туш. го препорачувам на секој, без разлика на тоа каков апликатор преферирате.
Овој туш нуди 3,5 мл производ кој трае 6 месеци и чини 249 денари.



Wet n Wild Lash Renegade Mascara Brazen Black
Маскарата која што веднаш ќе го добие вашето внимание со нејзиниот интересен дизајн. Нејзиниот апликатор е совршен за достигнување и на најмалите трепки кои вообичаено не можеме да ги дофатиме со обична маскара. Ги прави трепките долги, убаво ги раздвојува, им додава волумен и ги подига нагоре. Солидна маскара која е повеќе од само кул дизајн.
Оваа маскара нуди 8 мл производ кој трае 6 месеци и чини 425 денари. 

Wet n Wild coloricon KHOL Eyeliner Baby's Got Black
Прво нешто што ќе забележите кај ова моливче за очи е тоа што е значително поголемо од останатите стандардни моливчиња, а она што мене ме изненади беше интензивниот црн пигмент што го остава со само одно наесување. Не се размачкува и е долготраен а се тоа за цена која што е значително пониска од сите други моливчиња за очи на пазарот.
Ова моливче нуди 1,4 гр производ кој трае 12 месеци и чини125 денари.



Wet n Wild coloricon Lipliner Brandy Wine
Исто како и моливчето за очи, ова моливче за уста е подолго од вообичаените моливчиња. Ја обдрав оваа нијанса затоа што сметам дека е совршена за овој есенски период. Убаво и лесно се нанесува, има кремаста формула и одлично ја дефинира линијата на устата. Јас го нанесувам на цела уста и врз него го нанесувам течниот кармин, на овој начин добивам максимална долготрајност.
Ова моливче за уста нуди 1,4 гр производ, трае 24 месеци и чини 125 денари.


Wet n Wild megalast Liquid Catsuit Matte Lipstick Rebel Rose & Nudie Patootie
Ова е досега мојот најомилен течен кармин кој што сум го користела. Формулата е кремаста, пигментот е интензивен, воопшто не се пренесуваат и долготрајноста е максимална. Не го чувствувате дека го носите и иако се мат, не ја сушат устата воопшто. Апликаторот совршено помага при нанесување на течниот кармин затоа што одговара со формата на устата. Прекрасен производ, дефинитивно мора да го имате! Ги одбрав овие две нијанси но ќе се вратам и ќе си ги земам и останатите.
Овие кармини нудат 6 гр производ, траат 18 месеци и чинат 315 денари.


Wet n Wild megalast Lip Color Cinnamon Spice, Cherry Bomb & Vamp It Up
Веднаш кога ги забележав нијансите знаев дека морам да ги имам затоа што барав вакви темни кармини кои се секогаш популарни во овој дел од годината. Убаво се нанесуваат, пигментот е интензивен, но се пренесуваат доколку јадете, пиете или се бакнувате. Траат неколку часа што е нормално за ваков тип на кармини но даваат убаво хидрирачко чувство на устата, а нивната формула се грижи и ги заштитува вашите усни. Не се целосно мат, имаат минимален сјај кој убаво изгледа. Овие кармини се одлични за создавање на темен, есенски изглед, но не заборавајте да си ги земете со вас доколку јадете и пиете. Исто така бидете внимателни како ги отварате и затварате затоа што транспарентото капаче лесно се валка и не изгледа убаво.
Овие кармини нудат 3,3 гр производ, траат 18 месеци и чинат 185 денари.


Wet n Wild Color Icon Glitter Single-Distortion
Доколку сте тип кој сака да екпериментира со шминка и да создава интересни и невообичаени изгледи, оваа сенка е создадена за вас. Оваа единечна сенка е една од неколкуте кои се од овој тип и се наменети за цело лице и тело. Интензивен пигмент, крупни сјајни светки чија густина можете да ја наслојувате. Ги нанесувам со четка или прст откога ќе нанесам прајмер.
1,4 гр 24 месеци 125 денари


Wet n Wild Brushes
Овој бренд нуди цел спектар на квалитетни четки, но кај нас има само неколку. Цврсти се, густи и убаво изгледаат. Малите четки, кои се за коректор и сенка, чинат 149 денари додека големата, која е за течна пудра е 185 денари. Дизајнот на четката е осмислен за да се вклопи со прстите додека ги држите, што е навистина убав детал. Дефинитивно сакам да ги имам сите четки од оваа колекција затоа што се навистина евтини и за таа цена нудат солиден квалитет.

Искрено, не очекував дека ќе бидам волку пријатно изненадена од квалитетот, интензитетот, апликацијата и долготрајноста на производите. Ретко се случува да најдам толку многу производи од ист бренд кои ми се допаѓаат и кои секојдневно ги користам, а сепак се со достапни цени. Се надевам ви се допадна овој блог пост и ве запознав со некои од моите нови фаворити. Имајте прекрасен ден и се читаме набрзо со нов блог пост.

пс. Дали пробавте некој производ од овој бренд? Како ви се допаѓа? 
Слободно пишете ми коментар подоле!


Кликнете  > тука < за видео туторијалот! 

No comments:

Powered by Blogger.