Мојата колекција на кармини и мојот апсолутно најомилен!

Saturday, January 06, 2018


Карминот е симбол на женственост и убавина, дава инстантна самодоверба и целосно ја трансформира личноста со едно негово едноставно нанесување. Сигурно имате забележано дека доколку сакате да постигнете секси и заводлив изглед нанесувате интензивен црвен кармин и фокусот го насочувате на усните, а доколку сакате да ја истакнете мистериозноста на погледот, ги истакнувате очите и на усните нанесувате неутрална боја.


Мојата колекција на кармини започна да се зголемува пред пет години, кога почнав да шминкам и да работам со клиенти. Дотогаш имав еден или два кармини кои ги користев најчесто за вечерни излегувања. Во моментов имам околу четириесетина кармини во различни бои, со различни финиши и од повеќе брендови. Некои од нив ми се допаѓаат, некои не, неколку повторно сакам да ги купам и неколку ми се апсолутно најомилени во моментов. Бидејќи повеќето од овие кармини повеќе не ги користам, пред да се збогувам со нив сакам да ги споделам на мојот блог и со нивните фотографии да ги запишам моите мислења во врска со истите и секако да ми останат само оние кои ми се допаѓаат најмногу и кои ги користам секојдневно. 

Пред се, целата колекција ја поделив на четири дела: оние кои ќе ги зачувам затоа што ми се допаѓаат и затоа што се уште не се со поминат рок, потоа оние кои ми се допаѓаат, повеќе не се добри за употреба затоа што се со поминат рок но, би сакала повторно да ги купам, третите се оние кои ќе ги зачувам затоа што имаат некоја сентиментална вредност иако не ги користам и на крај се оние кои не ги користам и од кои сакам да се ослободам. 

Оние од кои ќе се ослободам се тринаесет Avon кармини, два Revlon кармини и еден кармин од брендот Rimmel London. Кармините од Avon ги купував премногу додека работев како Avon Representative, затоа и се во толкав број. Неколку од нив навистина ми се допаѓаа иако поголемиот број од нив не стојат долго на усните, но затоа пак се навистина евтини и достапни за сите. Кармините од Revlon и Rimmel London ги купив додека бев во Америка и додека се уште не бев запознаена со целата приказна околу индустријата и тестирањето на животни. Тие три кармини навистина ми се допаѓаа, особено нивните бои, и доколку беа cruelty free повторно би ги купила, но бидејќи не се, припаѓаат во оваа категорија. 

Сите кармини во оваа категорија се постари и со поминат рок, не ги користев со години но, ги чував како декорација. Овие брендови се уште тестираат на животни и бидејќи тоа не го поддржувам, решив дека е време да се осолободам од нив и да дадам повеќе простор на производи кои заслужуваат повеќе место на моите полици. Можеби еден ден ќе престанат со овој тип на тестирање кое е научно докажано дека е непотребно и повторно ќе ги купувам, ќе ги испробувам и ќе ги користам, но до тогаш ја немаат мојата поддршка како потрошувач и како љубител на шминка.


Во овој дел припаѓаат кармини кои се поврзани со силни сеќавања и емоции и сакам да ги чувам за спомен. За таа намена имам посебна метална кутија каде ги чувам сите шминки од овој тип. Во оваа категорија се сместени трите црвени кармини од Dior кои припаѓаа на мојата мајка, кои и беа омилени и кои ги носеше секојдневно. До нив стои мојот прв кармин од Bourjois што ми беше подарен од мајка ми во раните средношколки години и го носев секојдневно.. може да се забележи на фотографијата колку малку има останато. До него е мојот прв и единствен MAC кармин кој пред неколку години си го купив од New York, од продавницата која што се наоѓаше веднаш до Times Square и беше огромна радост. На крај е првиот кармин кој што си го имам купено кој е од брендот Bourjois и иако е во оваа прекрасна нијанса, воопшто го немам користено, не знам зашто. 


Следно се кармините од брендот NYX Cosmetics кои си ги купив додека престојував во Америка. Овој светски познат cruelty free бренд има прекрасни производи и има одлични кармини. Овие мат кармини се со поминат рок но дефинитивно би ги купила повторно, особено Natural и Strawberry Daiquiri. На нивната официјална страна цената на овие кармини е $6 што е навистина ефтино и имаат 45 различни бои што е импресивно.  



 Во последната категорија се кармини кои се нови или се уште со добар рок. Овде припаѓаат три кармини од Seventeen Cosmetics, два кармини од Aura, три од Wet n Wild и еден од Gosh Cosmetics. Сите овие кармини се од cruelty free брендови, навистина прекрасни и купени многу #љубов и внимание со желба за долго користење.  Но, доколку треба да ја намалам листата и да бидам поконкретна, би одбрала шест кои ми се најомилени. Навистина не можам да одберам еден единствен, тоа е невозможно и сурово.

За Wet n Wild кармините рецензија можете да прочитате тука!


Најомилени кармини (од лево кон десно): 
Gosh Cosmetics Velvet Touch Lipstick 122 Nougat 
Seventeen Cosmetics Matte Lipstick 35
Aura 708 Naive Peach
Seventeen Cosmetics Matte Lipstick 37
Seventeen Cosmetics Matte Lipstick 42
Aura 712 Emotional Impact 


Сакам да ги споменам и овие три кармини од грчкиот бренд Radiant Professional Makeup кои што навистина се добри, хидратантни и долготрајни, но никогаш не ги користам, не знам зошто. Убаво миристаат и даваат пријатно чувство на усните. Особено ми се допаѓа црвената нијанса со број 07 Red. Веќе подолго време ги имам, но ретко кога посегнувам по нив. Доаѓаат во тенко но издолжено пакување, па можеби не сум навикната на нив.


За крај сакам да ги споменам моите најомилени течни кармини. Оној што прв ме навлече на овој тип на производи е Geisha matte lip cream од Aura. Прекрасен производ од лимитирана колекција, но дефинитивно се каам што не ја купив и црвената нијанса. Течните кармини од Gosh Cosmetics и Wet n Wild се прекрасни и ги препотачувам од се срце. Нема доволно добри зборови со кои можам да опишам колку многу го сакам Megalast Liquid Catsuit Rebel Rose од Wet n Wild (кликни тука за детална рецензија). Посакувам да има повеќе нијанси и да ги имам сите затоа што ова ми е најомилен производ за усни, ever. Понатаму, тој од Radiant е солиден, но бојата дефинитивно си ја немам погодено. И за крај Longstay мат течниот кармин од Golden Rose кој што е навистина kiss proof и кој ме тера да ги посакувам сите останати нијанси.

Дали тоа реков дека не можам да одберам еден единствен најомилен, а сепак спонтано одбрав?
Да, Megalast Liquid Catsuit Rebel Rose од Wet n Wild. Ти си победникот.

You Might Also Like

1 comments