Најомилени течни пудри од локалната дрогерија | cruelty free

Tuesday, January 23, 2018


Вистинската пудра го создава совршениот канвас кој претставува основа на шминката, а без соодветна основа не можете да го постигнете изгледот што го посакувате. Се започнува од кожата и нејзиниот изглед, од таму започнува трансформацијата. Иако добрата пудра е инвестиција, сепак за секојдневна употреба е доволен производ со разумна цена кој ќе го користите без грижа на совест.

Мојата кожа е нормална до комбинирана и преферирам пудри со висока покривност со мат финиш но, некогаш користам лесни пудри кога сакам да постигнам природен, секојдневен изглед. Ова се моите 4 најомилени течни пудри кои можете да ги најдете во вашата локална дрогерија, кои се со достапни цени, не се тестирани на животни и не содржат состојќи од животинско потекло, односно се веган.



Aura Cover Me Foundation 
Покривност ●●●●○
Ова е една од моите најкупувани пудри затоа што ми одговара нејзината покривност, долготрајност и цена. Формулата и е кремаста и лесно се нанесува на лицето. Нуди навистина висока покривност и мат финиш. Не ги затвора порите, водоотпорна е и нуди заштита со фактор 20. Има убав мирис и дава свиленкаст изглед на кожата. Доколку имате сува кожа, оваа пудра не е за вас. Достапна во 6 нијанси, нуди 30 мл производ кој трае 12 месеци. Аура е бренд од Србија кој не тестира на животни, но нема информации дали оваа пудра е веган. Целосна рецензија за овој производ можете да прочитате тука.



GOSH Foundation Drops 
Покривност ●●○○○
Оваа пудра ја користам тогаш кога сметам дека сакам да постигнам поприроден, секојдневен  изглед и мојата кожа изгледа здраво и без некои посебно иритирачки недостатоци. Нуди лесна до медиум покривност, завистно од тоа колку капки ќе нанесете со пипетата. Ја хидрира и ја негува кожата, содржи арганово масло и витамин Е, нуди заштитен фактор 10 и не содржи парфеми и парабени. За нејзино блендирање на кожата на лицето користам сунѓерче со кое сметам дека постигнувам најдобар ефект. Оваа пудра доаѓа од Данска, достапна е во 5 нијанси, нуди 30 мл производ кој трае 12 месеци и е веган. Целосна рецензија за овој производ можете да прочитате тука.




Wet n Wild Photofocus Foundation 
Покривност ●●●○○
Кога посакувам природен изглед но со медиум покривност ја користам оваа пудра. Со носењето на оваа пудра ја чувствувам мојата кожа, но таа изгледа значително подобра. Доаѓа во стаклено шишенце со пластично капаче и апликатор. Нуди лајт до медиум покривност, убаво се блендира во кожата и остава прекрасен природен финиш. Не се чувствува додека ја носите, не се познава дека ја имате нанесено, ја усовршува вашата кожа и е навистина долготрајна. Наменета е за сите типови на кожа и одлично се адаптира на вашите потреби. Во светот е достапна во 20 нијанси, но кај нас се донесени само 5. Оваа пудра која доаѓа од Америка нуди 30 мл производ, трае 12 месеци и е веган. Целосна рецензија на оваа пудра можете да прочитате тука.




Catrice HD Liquid Coverage Foundation
Покривност ●●●●●
Чудно е што се уште немам напишано на блогов за оваа пудра која е мојата најомилена во моментов и во последниов период најчесто ја користам. Доаѓа во прекрасно стаклено шишенце и пипета со која лесно се нанесува, нуди максимална покривност, навистина е долготрајна, го израмнува тенот и дава убаво чувство на кожата, како да е свиленкаста. Иако е интензивно матирачка и нуди висока покривност, не ја чувствувам нејзината тежина.
Најмногу ми се допаѓа тоа што ја прави кожата да изгледа совршено но поприродно од останатите пудри кои нудат ваков интензитет на покривност. Со помош на пипетата можете да одберете колку ќе нанесете на лицето а потоа можете да одберете дали сакате да ја изблендирате со четка или со сунѓерче. Јас сепак преферирам сунѓерче и го користам моето кое се вика The Make-up Blender и е од ebelin.
Единствената забелешка што ја имам е тоа што е достапна само во 4 нијанси, а тоа според мене воопшто не е доволно и се надевам дека во иднина ќе го надополнат изборот.
Ако посакувате висока покривност со мат финиш и пронајдете нијанса која вас ви одговара, тогаш оваа пудра ќе ви биде вашата најомилена. Патем, да не заборавам да напоменам дека оваа пудра која доаѓа од Италија нуди 30мл производ кој трае 12 месеци и е веган.

Дали имате пробано некоја од овие течни пудри? Како ви се допаѓа? 
Која е вашата омилена пудра? 


You Might Also Like

0 comments