6 совети за подобра шминка

Tuesday, November 13, 2018

Сите си имаме некоја своја идеја за тоа како најубаво изгледаме и сите си имаме свој начин како тој изглед сакаме да ги постигнеме. Шминката е индивидуална работа, но постојат некои универзални правила кои можат да ни помогнат и да ни го олеснат целиот тој процес на апликација. Ова се моите неколку совети за како да ја подобрите вашата секојдневна рутина и да постигнете едно повисоко ниво на шминкање.


1. Секогаш започнете со чисто лице
Прекрасната шминка започнува со чисто и негувано лице. Пред да започнам со нанесување на шминка, без разлика дали ми е чисто лицето или не, секогаш повторно го чистам, барем со производ намене за нежно чистење на лице или пак со мојата омилена мицерална вода. Најчесто, доколку немаме нанесено шминка и започнуваме со шминкање, мислиме дека нема потреба од чистење на лицето, но на кожата на лицето се собираат нечистоти и од самиот воздух, затоа никогаш не го прескокнувајте овој чекор. Но, она што е исто толку важно колку и совршено нанесена шминка е да имаме чисто и негувано лице за кое се грижиме секојдневно, не само кога се подготвуваме за шминка или ја отстрануваме, туку и на деновите кога не носиме шминка и се одмараме.


2. Прајмери, прајмери, прајмери
Секогаш користете прајмери. Прајмерот претставува основа, односно подлога на која се нанесува шминката. Неговата примарна функција е тоа што го подготвува лицето за нанесување на шминка, но освен тоа тој е задолжен за долготрајноста и совршената апликација. Затоа не штедете кога станува збор за убав прајмер. Јас користам неколку прајмери во текот на шминкањето. Првиот е оној кој го нанесувам од кога ќе го исчистам лицето, има функција да ја хидрира и заштити кожата, претставува како еден вид на бариера помеѓу пудрата и кожата на лицето. Вториот е оној кој го користам за да ги пополни порите и линиите на лицето, да го матира и да го изедначи тенот. А третиот е оној кој го нанесувам на очните капаци за да ја изедначи нивната боја и површина, да ја направи сенката да се нанесува поубаво и да се погрижи таа да е долготрајна и да не се помрдне од својата положба. Искрено, не можам да замислам шминкање без прајмер, чекор број два кој никогаш не го прескокнувам, без разлика колку и да брзам.


3. Сунѓерчиња за шминкање и бјути блендери
Она што го подигна моето шминкање на едно следно, повисоко ниво е користењето на бјути блендер за апликација на течната пудра. Со користење на вакво сунѓерче не си ги валкате рацете доколку нанесувате со прсти, полесен е за чистење од четките, а и изгледот на пудрата на вашето лице ќе биде донесен до совршенство. Осцен тоа го упива вишокот на производ, го распределува поубаво на површината на лицето и не остава линии како што знаат тоа да го направат некои четки. Бјути блендерот го користам и за блендирање на коректорот под очите и нанесување на пудра во прав. Секако дека квалитетот на сунѓерчето зависи од производителот а и не смее да се заборави дека треба често да се чисти темелно и менува целосно затоа што доаѓа до тиректен контакт со кожата. Единствениот минус е тоа што доколку не го наводените не функционира што значи дека ако удобно си седите и сте спремни за шминкање, мора да станете и да одите да го оставите неколку секунди под млаз млака вода и да го избритеше со крпа.


4. Неколку чисти и квалитетни четки
Уште од самите почетоци на моето шминкање, за нанесување на сенките на очите секогаш користам четки. Да, на почетокот не беа квалитетни и убави како оние што ги имам денес, но солидно си ја вршеа работата. Исто така за одлично нанесена сенка потребни се неколку различни типови на четки, особено ако сакате да нанесете повеќе од една сенка. Но, најважно од се е тие четки да се чисти. Не би сакале нечиста четка да биде во контакт и во близина на вашето око, нели? Така најлесно се пренесуваат инфекции, а сигурна сум дека никој не го посакува тоа. Исто така бојата на сенката и нејзината апликација зависи од тоа дали четката претходно била користена за друга сенка. Исто како да користиме четки за сликање со темпери, за различна боја и интензитет има посебна четка и истата треба да биде чиста за да се добие посакуваниот ефект.


5. Во потрага по одлични производи
Квалитет не секогаш значи екстремна цена. Исто и екстремна цена не значи повисок квалитет.  Искрено, можат да се најдат производи кои навистина се одлични за достапни цени. Она за кое најчесто се плаќа е името на самиот бренд, нивната презентација и пакувањето на производот. Во моето долгогодишно искуство со шминка сум сретнала производи кои скапо сум ги платила и ме разочарале или пак сум очекувала мноогу повеќе за тие пари, а биле ништо повеќе од просечни дури и полоши од поевтини дупови. Но, тоа не значи дека ако сакате да инвестирате во луксузен производ, не треба тоа да го направите. Сакам само да кажам дека постојат алтернативи доколку сакате да заштедите, а да добиете ист или приближено сличен ефект. Поентата ми е дека за убава шминка треба да пронајдете квалитетни производи кои ви одговараат и кои ќе ви го олеснат шминкањето, но не мора да биде инвестиција за која ќе треба да подигнете кредит од банка.

6. Спрејот за фиксирање го краси делото
И на крај, јаготката на шлагот, спрејот за фиксирање со кој секогаш го завршувам шминкањето. Она што ми гарантира спрејот е дека шминката ќе остане на свое место во текот на целиот ден или целата вечер, се додека не ја извадите. Постојат различни видови на спрејови за фиксирање, со различни мириси и интензитети. Она што јас барам од мојот спреј за фиксирање е да почуствувам како се на лицето ми се заклучува. Не сакам да мрдне ниту да помисли да се избрише или избледе. Затоа, без разлика на каква шминка создавам, дали е таа нежна и дневна или пак вечерна и интензивна, секогаш нанесувам спреј за фиксирање од кога ќе завршам со шминкање. Излегувам со мирна глава и нема потреба секои пет минутида се проверувам во огледало како изгледам, затоа што знам дека се е на свое место.


Она што следува на мојот блог е подетално елаборирање на секоја од овие шест точки, па затоа заследете ме на мојот инстаграм или фејсбук за да бидете информирани за сите нови блог постови. Ви благодарам на вниманието и имајте пријатен ден, се читаме повторно набрзо!

You Might Also Like

0 comments