My Simple, Affordable Vegan & Cruelty Free Skincare Routine | Updated 2019

Monday, February 18, 2019


Секогаш се трудам да имам едноставна и економична рутина која нема да ми одзема многу време, но ќе ми ги дава посакуваните, позитивни резултати. На сите ни е познато колку е важна грижата за кожата, па затоа една од моите резолуции за оваа година е да бидам поодговорна и повеќе да се грижам за неа. Она што ме натера да ја променам, односно да ја апдејтирам мојата претходна рутина беше промената на мојата кожа во текот на зимскиот период, која стана посува од вообичаено и почувствував дека и е потребен понежен пристап и малку поинакви производи.


Започнувам со чистење на лицето со Balea кремата за миење на лице од 150мл која е наменета за сува, чувствителна и оштетена кожа. Оваа крема за миење на лице е збогатена со хамамалис, екстракт од диња, витамин Е и бадемово масло. Мириса прекрасно, не е премногу густа, се нанесува лесно и дава свиленкасто чувство. Ја нанесувам на влажно, претходно измиено лице со топла вода, со помош на четкичката од Ebelin ја масирам кремата во кожата со кружни, нежни движења неколку минути и потоа ја отстранувам со топла вода.


Од кога лицето ми е чисто, измиено и убаво исушено, ја нанесувам дневната крема од Balea од истата линија која е 50 мл и има заштитен фактор 15, што е навистина важно во текот на целата година, не само во летниот период. Исто како и  кремата за миење на лице, и оваа крема е наменета за сува и чувствителна кожа. Нејзината формула е збогатена со бадемово масло која ја прави кожата помека и понежна, додека пак провитаминот Б6 ја хидрира кожата. Има погуста структура, но лесно се нанесува и брзо се впива во кожата. Навистина ми се допаѓа и го обожавам чувството и изгледот кои ги создава на кожата.


Доколку нанесувам шминка на лицето, секогаш користам полесна крема како подлога за шминка иако нанесувам и прјамер затоа што сакам да создадам убава основа на лицето, но и еден вид на бариера помеѓу кожата и шминката. Затоа, веќе повеќе од година ја користам Balea кремата за дневна нега на кожата која што кожата ми ја прави свиленкаста, мека и ги намалува порите и линиите кои сакам да ги скријам. Остава прекрасно чувство и брзо се впива.


Исто така, се трудам да не ја заборавам грижата и негата на усните. Пред шминкање, особено ако нанесувам течен, мат кармин, нанесувам од пилингот за усни од Alverde со бадемово масло, масло од нане и шеќер од шеќерна трска. Го нанесувам директно на усните и со помош на прст, со кружни, нежни движења, убаво го распределувам низ целата површина на усните, но се концентрирам на критичните делови. Потоа, го отстранувам со туфер на кој имам нанесено малку топла вода и убаво ги сушам усните. За крај, нанесувам од балзамот за усни од Alverde Tinted Lipbalm од Blueberry кој што е збогатен со витамин Е. масло од јојоба и масло од бадеми и ги прави усните меки, со прекрасен мирис, овошен вкус и нежна боја.


Шминката на лицето се уште ја отстранувам со влажни марамчиња наменети за отстранување на шминка, а потоа со мицералната вода од Balea за која веќе имам пишувано и без која не можам да си ја замислам рутината. Потоа пред спиење повторно ја користам кремата за миење на лице, но потоа нанесувам од интензивната ноќна крема од Alverde која е наменета за регенерирање на кожата на лицето во текот на целата ноќ. Како што имам пишано во претходен блог пост, oваа ноќна крема е создадена со комбинирање на сончогледово и бадемово масло и органски одгледуван чиа путер.


Исто така, поретко од порано се уште нанесувам маски за лице, најчесто од оние од Balea за пилинг и за длабока хидратација на лицето. Овој чекор најчесто го правам кога чувствувам дека е потребно посебно, дополнително внимание на кожата на лицето, но дефинитивно не секој ден.


За крај, накратко да ја споменам кремата за раце од Balea која што никако да ја доискористам, но која што се уште е мојата најомилена крема која ми дава посебно задоволство секогаш кога ќе ја нанесам. Оваа крема е со екстракт од оризово млеко и мирис на цвет од цреша, совршено и брзо се впива во кожата, ја прави еластична, нежна и свиленкаста и и дава прекрасен изглед и уште попрекрасен мирис.


Сите овие производи се прекрасни, квалитетни и вегански, односно не содржат елементи од животинско потекло и се cruelty free, што значи дека не се тестирани на животни, но се дерматолошки тестирани и можете да ги најдете во моите омилени dm дрогерии по навистина пристапни цени. Обожавам да пазарам таму, прво затоа што ми е како еден вид терапија, а второ затоа што некако се ми е на едно место и изборот ми е навистина голем, особено за вегански и cruelty free производи какви што барам јас.

Кои се вашите омилени производи за грижа на кожата? 
Што би ми препорачале да пробам следно? 

You Might Also Like

1 comments

  1. Баш периодов барам нешто соодветно за мојата кожа,твојот блог пост ми дојде супер. Ќе ги пробам производите затоа што ги препорачуваш ти и затоа што се cruelty free што е многу многу важно. Омилен блог од нашите, супер си ! ❤️❤️Е.

    ReplyDelete