NEW Aura Aloha Eyeshadow Palette! Swatches, First Impression & a Get Ready With Me! Animal Kingdom Collection

Thursday, November 07, 2019

Српскиот бренд Аура постојано обожава да изненадува со нови и интересни производи! Пред неколку недели почнаа да објавуваат содржини на нивните социјални медиуми кои најавуваа пристигнување на нова колекција палети на сенки за очи под името Animal Kingdom и уште од тогаш со нетрпение чекав да стигнат во нашите дрогерии и продавници, за да ги пробам, да си поиграм малку со нив и да ги додадам во мојата колекција на шминки, секако доколку ми се допаѓаат.


Претходната недела, додека случајно поминував покрај дм дрогеријата во нашиот ГТЦ, решив да застанам и да влезам на кратко за да видам дали случајно новитетиве стигнале и кај нас. И на мое огромно изненадување, тие беа во центарот на полицата наменета за производите на Аура. Веднаш се фатив за тестерите и почнав да ги испробувам нијансите на сенките на моите раце. Бидејќи една палета има 9 различни нијанси, а има 4 нови палети, можете да ми ги замислите рацете со сите тие eyeshadow swatches и како сум им изгледала на луѓето кои поминуваа и чудно ме гледаа.


Како и да е, знаев дека морам дома да си заминам барем со една. За почеток не сакав да ги земам сите, па решив прво да пробам една затоа што ако не ми се допадне, да не биде премногу голема залудна инвестиција, цената на една палета е 549 денари, а и купените палети само ќе зафаќаат место и прашина. Е сега, одбирањето една од нив беше доста интересен предизвик. Дали да ја земам палетата што најмногу ќе ја користам или да ја земам палетата што има нијанси кои ги немам во мојата колекција и конечно да излезам од мојата комфорт зона на неутрални земјени тонови?

Стоејќи пред полицата со производите на Аура повеќе од колку што реално е потребно, решив да ја земам онаа што најмногу ќе ја користам, особено овој период затоа што ме потсеќа на нијансите на есента. Па затоа ја одбрав Aloha палетата со сенки која има 5 мат и 4 светкави нијанси. Од овие 9 нијанси, 7 се земјени додека една мат и една светкава се виолетови. Со сите овие сенки можат да се создаваат минимални и природни секојдневни, но и интересни вечерни изгледи. Од она што пробав на рака, сенките се одлично пигментирани и лесно се блендираат, но сепак главниот тест е како ќе се нанесуваат со четка, како ќе се блендираат на очниот капак и колку ќе траат.


Од како неколку дена тазе купената палета седеше на мојата работна маса, решив дека конечно дојде време да ја пробам. За да го направам процесот поитересен, си ја наместив камерата да снима, го запалив ринг лајтот и седнав пред светкавата бела позадина. Сакав да ја снимам мојата прва импресија од оваа палета додека се шминкам за вечерно излегување, ко што би рекле славните јутубери, Get Ready With Me. Целиот изглед е со шминки купени од нашите локални доргерии и продавници, изгледот е лесен за создавање, видеото намерно е подолго за да биде полесен за следење, и е супер доколку сакате друштво додека се шминкате.

Кликни тука за да го погледнеш видеото.


На мое огромно изненадување, и како што може да се види во видеото, оваа палета нависитна ми се допадна. Сенките се прекрасни, лесно се нанесуваат, супер се блендираат, одлични и високо пигментирани. Пакувањето е квалитетно изработено и лесно, нежно се затвара со магнет, така што доколку сакате да патувате со оваа палета, нема да зафаќа место и ќе бидете сигурни дека ќе биде затворена. Внатре има и солида големина на огледало што е еден огромен плус. Единственото нешто што можеби не ми се допаѓа е нејзината цена, но мислам дека со тек на време ќе се симне бидејќи сепак станува збор за нов производ.


Мојот краен заклучок е дека дефинитивно ќе продолжам да ја користам оваа палета и топло ја препорачувам на сите! Одлична е за почетници, а и за оние кои сакаат земјени тонови. А за останатите три палети, можеби во иднина ќе ги пробам па и нив ќе напишам блог пост. 

Ви благодарам на вашето внимание, се надевам дека ви се допадна овој блог пост. Доколку ви се допадна,  би ми било ептен драго ако го споделите со некој на кој би му помогнал, на пример, со избор на нова палета на сенки. 

Поздрав и имајте прекрасен ден!

пс. Не заборавајте да ме заследите на мојот јутуб канал бидејќи имам некое чувство дека често ќе објавувам нови, квалитетни и интересни содржини кои нема да сакате да ги пропуштите!

You Might Also Like

0 comments